Кој е Живко Грозданоски, новиот претседател на ДПМ? 


Писателот и книжевен преведувач Живко Грозданоски (1986, Кичево), релативно непознат за пошироката јавност, е новиот претседател на ДПМ, избран на денешното редовно изборно Собрание, на кое беа избрани новите раководни органи, а беа усвоени и измени и дополнувања во Статутот на Друштвото. 

За функцијата претседател на ДПМ во предвидениот рок, кандидатури доставија петмина членови:  Живко Грозданоски, Весна Дамчевска Илиевска, Јордан Ѓорчев, Мирче Нешовски и Југослав Петровски.

Основно образование завршил во Бигор Доленци и во Кичево, а средно во Американската гимназија Нова во Скопје. Дипломирал на Универзитетот Св. Кирил и Методиј на Филолошкиот факултет Блаже Конески на Катедрата за романски јазици и книжевности, на Отсекот Италијански јазик и книжевност (сегашната Катедра по италијанистика).

Учествувал на неколку меѓународни резиденции и студиски престои во САД (SEEYLI, Wake Forest University in Winston-Salem, NC, 2004), Италија (Università per Stranieri di Perugia, 2009) и БиХ (Reading Balkans, Sarajevo, 2018). Во октомври 2006 година, во рамките на двонеделната работилница DoKo YoMi во Косовска Митровица го снимил краткиот документарец “In Cage”, кој следната 2007 година го претставил на Филмскиот фестивал во Кан (Critics’ week).

Неговите дела се преведени на бугарски, грчки, српски, албански, англиски, италијански, словенечки и германски. Преведува од италијански на македонски јазик и обратно. Mоментално го истражува концептот на „заедницата“, во делото на италијанскиот кантавтор Фабрицио де Андрé (1940-1999).

Под логото на „Булевар ослободување“, во 2020 ја има приредено и објавено малата тријазичната антологија, на македонски, грчки и англиски „Да сум на твое место/Αν ιμουν στι θεσι σου/If I were in your place“, во која се застапени 13 македонски автори на кратки книжевни форми (поезија и кратки-кратки раскази).