Кој е толку моќен во МВР – братот или самиот градоначалник на Гази Баба, прашува СДСМ


Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски

 

Опозициската СДСМ денеска повторно ја отвори темата за брзото возење на братот на градовачланикот на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, простувањето на казната и нејзиното припишување на некое непознато лице. СДСМ бара обвинителството да го истражи случајот.

„Скандалот со братот на градоначалникот Бобан Стефковски кој дивееше по скопските улици, а потоа беше ослободен од страна на МВР го потврди она што сите многу добро го знаат: за функционерите на ДПМНЕ и нивните роднини не важат законите.

Министерот Панче Тошковски беше принуден јавно да го признае скандалот, но само откако СДСМ го обелодени случајот“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според партијата, скандалот отворал и нови апсекти.

„Дали лично градоначалникот Стефковски се јавувал на посочениот началник во МВР за да врши притисок и да обезбеди ослободување на неговиот брат? Дали ќе има кривична одговорност за тоа што казната му е напишана на друго лице?

Овој настан ја покажува целосната нефункционалност на правниот систем под водство на ВМРО-ДПМНЕ и ја разоткрива нивната двојна политика: едно правило за обичните граѓани, друго за привилегираните блиски до нив.

Кој ќе ја преземе политичката одговорност за овој тежок скандал?

Дали Стефковски има доблест да поднесе оставка?

Дали министерот Тошковски ќе си замине од функцијата поради очигледната злоупотреба на полицијата во заштита на блиските функционери од ДПМНЕ?

Ги повикуваме сите надлежни институции, вклучително и Јавното обвинителство, веднаш да отворат истрага за постапките на полицијата и за евентуалната вмешаност на Стефковски“, изјави Богданка Кузеска.