„Кој е следен“ се извини за системот што убива деца

Протестот на „Кој е следен?“ започна пред Владата и на него преставниците на иницијативата им се извинија јавно на сите граѓани што во изминативе 35 години „изградиле“, како што рекоа фигуративно, систем кој свирепо ги убива децата.Ваквата алегорија практично беше одговор на етикетите што им се лепат од партиите и притисоците врз нив за да се обесхрабрат како нечија партиска филијала.
-Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ јавно им се извинува на сите граѓани што во изминатите 35 години изгради систем кој свирепо ги убива своите деца, ги загадува нашите градови и ја осиромашува нашата држава. Воедно, се извинуваме и за сите системски неправди што ние сме ги предизвикале од 8 септември 1991 година, па се до денес.
Целосно го разбираме револтот кон нашата иницијатива поради нашето лошо владеење во изминатите 35 години. Воедно, изразуваме целосна поддршка до сегашните и минатите народни херои кои се спротиставија на најголемиот народен непријател и уништувач на Македонија – „Кој е следен?“. Во прилог, целосна листа на сите херои кои го бранеа македонскиот систем од злото наречено „Кој е следен?“:
2024 – х – Христијан Мицкоски и владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ;
2024 – Талат Џафери и техничката влада;
2022-2024 – Димитар Ковачевски и владата на СДСМ и ДУИ;
2020-2022 – Зоран Заев и владата на СДСМ, БЕСА и ДУИ;
2020 – Оливер Спасовски и техничката влада;
2017-2020 – Зоран Заев и владата на СДСМ и ДУИ;
2016-2016 – Емил Димитриев и техничката влада;
2008-2016 – Никола Груевски и владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ;
2006-2008 – Никола Груевски и владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА;
2004-2006 – Владо Бучковски и владата на СДСМ и ДУИ;
2004- Хари Костов и владата на СДСМ и ДУИ;
2002-2004 – Бранко Црвенковски и владата на СДСМ и ДУИ;
1998-2002 – Љубчо Георгиевски и владата на ВМРО-ДПМНЕ, ДА и ДПА;
1992-1998 – Бранко Црвенковски и владата на СДСМ и ПДПЧ;
Оваа прекрасна листа на луѓе 35 години се бори за поправеден систем во Македонија, а иницијативата „Кој е следен“ 35 години го попречува напредокот на Македонија.Доколку ги поддржувате горе набројаните народни херои тогаш треба да останете дома и да им помогнете во нивната борба, а доколку сметате дека горе набројаните народни херои не се баш толку праведни како што се претставуваат, тогаш време е за улица, време е за организирање, време е за пркос и отпор“, се вели во иницијативата „Кој е следен“.
Протестот продолжи кон Собранието, а последна дестинација беше Основниот кривичен суд Скопје. Поминувајќи покрај Универзитетската хируршка болница „Св. Наум Охридски“ во центарот на Скопје демонстрантите повторно со аплауз ги поздравија здравствените работници.
„Секој еден може да е следен“, „Нема да молчиме“, „Доста беше смрт“, „Правда за жртвите“, се меѓу паролите што ги извикуваа демонстрантите движејќи по најавената рута за маршот.
„Денеска сме на улица да се избориме против системот кој не тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега и властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети кои сме ние, наместо да се обрати внимание на она што ние го бараме“, рече Анастасија Митревска од „Кој е следен“ на почетокот на протестот.
Таа апелираше „сите граѓани да го кренат својот глас“ и заедно „да кренеме глас против неправдите и конечно да добиеме правда“.
На крајот од протестот, пред Основниот кривичен суд во Скопје дел од претставниците на „Кој е следен“ имаа свои обраќања во кои ги отфрлија обвинувањата дека се нечии „платеници“ и како што рекоа, „ние сме економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти – немаме партиски штаб, немаме скриена агенда, имаме совет и очи и гледаше што не чини“.
Пред завршување на протестот, демонстрантите одржаа и триминутен молк за сите жртви од трагедиите изминатите години.
Фото: Б.Грданоски