Кој е кандидатот на Левица кого премиерот го прати на психијатар?


Носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Иван Јованоски, е активистот кој го блокираше приодот до Могилата на непобедените и му дофрлаше навреди на премиерот Зоран Заев. Наводно, немал намера да коментира ништо, но „не можел да се воздржи од присуството на владината делегација“.  

„Тоа што го кажав беше чист револт. Метафорички кажано, затоа што на сите ни тежи тоа. План ни беше само да стоиме тука, но, не можев да се воздржам на присуството на Заев и владината делегација. Народот не е глупав, го знае тоа. Јас само му возвратив на тоа што тој ми рече дека сум за на психијатар“, изјави Јованоски.

Потегот на Јовановски, и генерално на Левица, е последна срамна епизода која покажа дека во трката за фотелја, место чествување, се организираат примитивни политички пресметки на празниците кои треба да бидат светост за граѓаните, а особено за тие во Прилеп. Практично веќе нема празник што не е избербатен од вакви ликови, нешто што на пример не им се случува на албанските функционери кога слават нешто во државава, туку е само македонски феномен. 

 

Кој е Иван Јованоски, човекот без политичка, а се чини и било каква друга биографија, за кој ни по два часа гуглање на интернет нема да најдете никаква активност освен дека добил препорака од премиерот Зоран Заев да оди на прихијатар? Во интервју за локалниот прилепски медиум „Зенит“ тој изјавил дека по струка е дипломиран информатичар, по хоби планинар, фотограф, колекционер на музика и љубител на животни.

„Не сум имал никаква политичка активност. Инстинктивно во Левица препознав нешто што до тогаш го немаше никаде. Едноставно револтирани, добронамерни и борци за подобра иднина за нашите поколенија“, вели тој за „Зенит“.

Јовановски е предвесник на новиот феномен на политичката сцена во Македонија што сема замав – радикален популизам, кој ги надминува и почетоците на ВМРО-ДПМНЕ првите години од појавувањето како партија во земјата. Тој е обид за проста копија на она што ги доведе на власт Доналд Трамп (стратегиите на Стив Бенон) и Матео Салвини во Италија, кои беа брзо прочитани, но во меѓувреме направија големи штети за државите. Политиката на која се „вози“ Левица деновиве, освен силни пароли, се сведува на закани, навреди кон противниците, ветувања дека сѐ ќе сменат, дека ќе ги постават работите од почеток, дека ќе нѐ извадат од НАТО, ќе го поништат Преспанскиот договор, дека ќе апсат, ќе запленуваат, ќе казнуваат, ќе осудуваат, ќе нѐ делат на патриоти, квислинзи, предавници, а тоа вообичаено е универзален изговор на сите популисти сега во Европа да го прават тоа што сега го прават – да гушат медиуми, да се цементираат на власт и да се корумпираат со полна уста борба против корупцијата.   

Дека Левица е на тој пат, потврди и изјавата на лидерот Димитар Апасиев. Според него, попречувањето на делегациите да положат цвеќе во криптата на Могилата на непобедените во Прилеп и непристојните дофрлања од нивниот активист кон премиерот не претставуваат инцидент, туку „израз на народниот непокор“.

„Тоа беше демонстрација на народниот непокор, на прилепскиот инает на Могилата на непобедените каде на квислинзите им се покажа страничното место во историјата. Така и ќе завршат, бидејќи го продадоа сопствениот народ, а македонскиот народ не ги трпи предавниците“, порача Апасиев.

На Фејсбук профилот од Левица порачаа дека „не може премиер кој прави историски ревизионизам на бугарскиот фашизам да доаѓа и ладнокрвно да положува цвеќе кај најсветото место на македонскиот антифашизам, бидејќи тоа е навреда кон АСНОМ-ските идеали на овој народ“.

Инаку, Јованоски се преставува како преставник на огранокот на „единствената класно ориентирана и работничка партија“. Неговата амбиција е тој и партијата да направат целосна реконструкција на системот кој, според него, е плодна почва за криминал и неправда, кој води кон пропаст и ништење на секое добро.

„Потребна е целосна реконструкција на тридеценискиот ’рѓосан систем, кој е плодна почва за криминал, корупција и неправда, а е очигледно во функција само за поединци, а не за општото добро на сите нас. Сакам да го запреме штетното и себично работење на досегашните гарнитури, кои си ја менуваат власта како да е Македонија нивна сопственост, а никако не ги менуваат лошите практики на работење.

Ова е возможно преку влез во советите и запирање на штетни одлуки, известување на јавноста за задкулисните игри, предлагање на корисни решенија за проблемите. Притоа е многу важно да се обезбеди транспарентност и зголемување на пристапот на граѓаните до општината, строг увид во општинските финансии и ревизија на сѐ што е сомнително и спорно. Мора да запре непродуктивното трошење на народни пари за тендери и услуги со нелогични суми, за потреби кои можат да бидат завршени од страна на постојните јавните претпријатија кои треба да се ревитализираат, за да пружаат квалитетни услуги кон граѓаните кои ги плаќаат“, стои во неговата предизборна програма.

Плукање по политичките противници, сеење омраза и правење инциденти на празници заради политички рејтинг и одавање почит на борците за слобода во дуксери и качулки – не стои никаде во неговата програма. (Н.В.)