Кој е Јаков Милатовиќ, човекот што го победи Мило Ѓукановиќ

За Милатовиќ пред две недели, по првиот круг на изборите во Црна Гора, зборуваше целиот регион, сега ќе биде катапултиран како политичка ѕвезда на овие простори


Јаков Милатовиќ е образуван на повеќе универзитети во светот

 

Многумина пробаа, никој не успеа. Барем до денеска.

Но тоа му успеа на младиот политичар Јаков Милатовиќ. Тој успеа да го победи во вториот круг на претседателските избори во Црна Гора досега неприкосновениот политичар Мило Ѓукановиќ, кој беше алфа и омега во оваа земја уште во последните години на Југославија. Не само што победи на изборите, туку победата на Милатовиќ е и триумф – тој освои 60 отсто од гласовите, а Ѓукановиќ 40.

За Милатовиќ пред две недели, по првиот круг, кога се пласира на второто место зад Ѓукановиќ, зборуваше целиот регион, сега сосем веројатно ќе биде катапултиран како политичка ѕвезда на овие простори.

Како му успеа на Јаков Милатовиќ да го освои она што изгледаше неосвоиво:

Заменик-претседателот на Движењето „Европа сега“ (ПЕС) Јаков Милатовиќ беше избран за кандидат на партијата за претседател на Црна Гора на крајот на февруари годинава. По објавувањето на резултатите, тој рече „дека на 2 април ќе го испрати Ѓукановиќ во политичка пензија“.

Резервен кандидат

Изборот на Милатовиќ за претседателски кандидат уследи по отфрлањето на кандидатурата на неговиот колега од движењето, Милојко Спаиќ.

Практично од кога почна да се шпекулира дека Спаиќ ќе биде претседателски кандидат, неговите политички противници се обидуваа да го дискредитираат. Движењето „Европа сега“ во моментов е најпопуларната и најбрзо растечка политичка опција во Црна Гора, поради што претставува закана за другите ривали.

Бидејќи немаше друг начин, нападнати се пасошот, државјанството и живеалиштето на Спаиќ. Дел од политичките партии, но и црногорската јавност, неколку недели пред кандидатурата тврдеа дека тој не може да биде претседателски кандидат бидејќи има пасош, државјанство и живеалиште во Србија.

Црногорскиот изборен закон не дозволува претседателски кандидат, ниту претседател, да има ништо од горенаведеното. Но, и во претходните години кога беше министер во владата на Здравко Кривокапиќ, а и како лидер на ПЕС, Спаиќ тврдеше дека не е државјанин на Србија ниту дека таму има живеалиште.

Бидејќи оваа драма не стивнуваше и бидејќи кандидатурата на Спаиќ беше одбиена, Милатовиќ беше второто решение на Движењето „Европа сега“. Судејќи по резултатите од првиот круг, тој беше вистинскиот избор.

Напади и валкана кампања

За време на кампањата Милатовиќ во Цетиње доживеа непријатност. Тој мораше да влезе во Спортскиот центар во Цетиње со помош на обезбедувањето и полицијата на 10 март годинава. Како што може да се види на видеото објавено на социјалните мрежи, на Милатовиќ му помогнале неколку лица да влезе, откако поминал низ толпата каде поединци го туркаат и го пцујат.

„За мене симбол на Цетиње се сите вредни и чесни луѓе, како и оние кои ме пречекаа во салата. Добивам пораки за поддршка од граѓаните на Цетиње. Знам дека се срамат од оние кои учествуваа во нападот врз мене, бидејќи тој чин не беше ниту црногорски, ниту на Цетиње“, изјави Милатовиќ за „Вијести“ по инцидентот.

Тој додаде дека им простува на сите заведени луѓе, но нема да заборави дека политичарите со своите ставови и наметнати поделби го доведоа општеството во ваква состојба, дека поради нив насилството стана секојдневие.

Истражувањето пред изборите покажа дека најголема поддршка за влез во вториот изборен круг ќе има сегашниот претседател Ѓукановиќ, кандидат на Демократската партија на социјалистите (ДПС), а веднаш потоа кандидатот на просрпскиот Демократски фронт, Андрија Мандиќ.

Но анкетите покажаа погрешни предвидувања. Не Мандиќ, туку Милатовиќ влезе во вториот круг, и тоа со убедлива разлика.

Движењето „Европа сега“ бележи одлични резултати од своето основање. Ова движење лани на локалните избори во Подгорица освои 21,7 отсто од гласовите. Ова им даде можност по 24 години да ја испратат Демократската партија на социјалистите Ѓукановиќ во опозиција.

„Среќна слобода, граѓани на Подгорица. Ви благодариме за поддршката на Движењето ‘Европа сега’. Почнуваме да работиме за што поскоро да ги решиме проблемите на граѓаните на Подгорица, без ДПС. И да ја направиме Подгорица подобро и поправедно место за живеење на сите граѓани што поскоро“, рече тогаш Милатовиќ.

По изборите следеа низа приговори за изборниот процес, по кои требаше да одлучува Уставниот суд. Процесот беше деблокиран дури на крајот на февруари, односно на почетокот на март, што создаде услови за трансфер на власта и спроведување на изборните резултати.

Во меѓувреме, Милатовиќ се откажа од градоначалничката функција и најави дека ќе се кандидира за претседател на Црна Гора, а во кампањата истакна дека неговиот фокус ќе биде борбата против корупцијата и економските реформи.

Овој резултат на ПЕС беше изненадување за многумина, бидејќи партијата беше основана само 4 месеци пред локалните избори. Во јуни минатата година двајца министри во владата на Здравко Кривокапиќ, инаку прва влада формирана по поразот на ДПС на парламентарните избори во 2020 година, одлучија и официјално да влезат во политиката.

Тогаш поранешниот министер за економски развој Јаков Милатовиќ и министерот за финансии и социјална заштита Милојко Спаиќ го основаа Движењето „Европа сега“. Тие двајцата останаа запаметени во црногорската и регионалната јавност поради економските реформи што ги презедоа. Дел од нив беше и зголемувањето во еден потег за два пати на минималната плата.

Економистот Милатовиќ беше министер за економија и економски развој во црногорскиот кабинет на Здравко Кривокапиќ од 4 декември 2020 година до 28 април 2022 година.

Роден е во Титоград, каде што завршил основно и гимназија. Основните студии од областа на економијата ги завршил на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора. Поминал една академска година на Државниот универзитет во Илиноис како американски стипендист, еден семестар на Универзитетот за економија и бизнис во Виена како стипендист на австриската влада, една академска година на Универзитетот Сапиенца во Рим како стипендист на ЕУ

Милатовиќ е магистер по економија на Универзитетот Оксфорд. Тој беше стипендист на британската влада. Бил и член на германската фондација „Конрад Аденауер“. Течно зборува англиски, италијански и шпански. Оженет е и има три деца. (Н.В.)