Кој беше Дмитриј Уткин, по кого озлогласениот Вагнер го добил името


 

Дмитриј Уткин беше еден од патниците во авионот што се урна во средата во близина на Москва. Неговата смрт беше официјално потврдена од Русија неколку часа подоцна.

Иако Евгениј Пригожин дури минатата година отворено призна дека стои зад групата Вагнер, озлогласената платеничка армија која ги изведуваше највалканите воени операции во Украина, нејзиниот основач беше всушност Дмитриј Уткин. Двајцата загинаа во средата, на 23 август, во авион што се урна во близина на Москва.

И додека Пригожин редовно се рекламираше на социјалните мрежи и всушност беше единствената истакната личност од злогласните платеници на Путин, Уткин не се разоткри јавно. Практично од 2016 година тој се нема појавено во јавноста, се до јуни, кога Вагнерците се повлекоа од украинското бојно поле и се упатија кон Москва. По неуспешниот пуч, тие се преселија  во Белорусија, каде Пригожин и Уткин одржале говори.

„Ова не е крај, ова е само почеток на најголемата работа во светот која наскоро ќе продолжи. И добредојде во пеколот“, им рече Уткин на своите војници во видеото кое протече во јавноста во средината на јули.

Дмитриј Валериевич Уткин е роден во 1970 година во руското село Асбест во регионот Свердловск, но пораснал во Украина, во селото Смолине, каде што неговата мајка се преселила по разводот. По завршувањето на средното образование, Уткин отишол во денешен Санкт Петербург и таму се запишал во воено училиште, по што се приклучил на специјалните единици на ГРУ (Главната управа за разузнавање), руската воена разузнавачка служба. Со овие единици учествувал во војната во Чеченија и Сирија, а десет години бил командант на Втората бригада Спецнац на границата со Естонија, пишува Дневник.хр.

Откако ја напуштил службата, се приклучил на приватните војски, а во 2014 година заедно со Пригожин ја основал групата Вагнер и веќе се борел на истокот на Украина како платеник. За неговите воени заслуги, Владимир Путин лично му додели Орден за храброст, а малку подоцна беше прогласен за Херој на Русија.

Уткин беше отворен и многу жесток обожавател на нацистичкото движење и на Третиот рајх. Своето тело го украсил со тетоважи од нацистички симболи, а некои документи ги потпишувал и со ознаката СС. Си го дал прекарот Вагнер по омилениот композитор на Хитлер, Ричард Вагнер, а злогласната платеничка војска го добила името по него.