Кои се сепаратистите во Украина што ги поддржува Русија?

Откако избувнаа борбите во источна Украина во 2014 година, сепаратистичките бунтовници на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск се обвинети дека се застапници на руските интереси, ако не и само маскирани руски војници. Според тоа, конфликтот во украинскиот регион Донбас се гледа како војна меѓу Русија и Украина во украинските и во повеќето западни медиуми, а не како граѓанска војна. Но, кои се точно бунтовниците во двете самопрогласени републики што не ги призна досега ниту Русија, а се дом на 2,3 милиони и 1,5 милиони луѓе.
И покрај напорите на централната влада во Киев за обединување на земјата, Украина е длабоко поделена, со големо руско етничко или јазично малцинство, особено на југот и на истокот на земјата. Некои во овие региони ја гледаа револуцијата на Мајдан од почетокот на 2014 година како ултранационалистичко востание, во кое беа вклучени екстремно десничарски паравојски, како што е Десниот сектор, со асоцијација на антисоветските партизани кои соработуваа со нацистите во Втората светска војна. Тензиите достигнаа точка на вриење следните месеци, кога многу проруски активисти беа запалени живи во зградата на синдикатот по уличните судири во Одеса. Демонстрантите во градовите во источна Украина, како што е Доњецк, во тој период окупираа згради и подигаа контролни пунктови и барикади. Ним им се придружија и членовите на полицијата против насилства Беркут, која неколку месеци претходно се бореше со демонстрантите на Мајдан во Киев, а понекогаш и ги злоупотребуваше. „Антитерористичка операција“ беше наредена од Киев, а протестите експлодираа како вооружен бунт, а потоа и сеопфатна војна.
Иако украинските граѓани како Александар Захарченко, Павел Губарев и Денис Пушилин заземаа клучни позиции во раководството на бунтовниците, Русија беше обвинета дека ги снабдува со оружје и воена сила, поради интересот да ја задржи Украина надвор од границите на НАТО.
Официјалната линија на Москва е двосмислена. Рускиот претседател Владимир Путин првично ги нарече бунтовниците „милиција на Нова Русија“, користејќи ознака од империјалната ера за јужна Украина.Но, ниту една членка на ОН, вклучително и Русија, не ги признаваат „републиките“.Сепак, последниве недели, среде обновените тензии во Украина, руските политичари разговараа за нивно официјално признавање, но Кремљ ја отфрли оваа идеја како запалив потег. Вчера сепак руската Дума му препорача на претседателот да го стори тоа, бидејќи таа нема ингеренции да донесе таква одлука, а нему нивната препорака не му е потребна, бидејќи може да ги признае со претседателски декрет.
Иако мнозинството сепаратистички борци се родени во Украина, меѓу нив има значителен број Руси. Русија, исто така, подели 800.000 пасоши на жителите во областите под контрола на бунтовниците.Фјодор (не е неговото вистинско име), Русин кој доброволно се бори заедно со бунтовниците од 2014 година, кога имал триесет години, изјави за Ал Џезира:
„Еднаш, при патрола, заробивме тројца Украинци кои исто така беа во патрола. Разговарав со еден од нив кој мислеше дека ќе бидат застрелани. Му реков дека се ќе биде добро, а тој ми одговори дека и покрај тоа нема да ми каже ништо. Реков, доволно фер. Толку му беше испран мозокот, веруваше дека насекаде има Руси и Чеченци кои сечат гркла и силуваат жени. Му реков, погледни околу себе: Ние сме тројцата Руси, а останатите сме сите локални жители“.
Не треба да се отфрли проруското чувство кај многу од нив – но секако не кај сите жители на регионот Донбас. Сепак, руските војници ветерани и службени војници ги зајакнаа редовите на бунтовниците, иако нивниот број и бројот на волонтери кои се приклучија на „каузата“ се нејасни.
Според Си-Ен-Ен, кој се повикува на украинските разузнавачки служби, се проценува дека во регионот има околу 35.000 сепаратисти поддржани од 3.000 руски војници. Ал Џезира не беше во можност самостојно да ги потврди овие бројки. Во средината на 2015 година, украинската влада тврдеше дека има 42.500 борци на страната на сепаратистите, вклучително и 9.000 руски војници.
Фјодор, кој сега работи во маркетинг агенција во Москва, рече дека дошол доброволно. Јуриј Тихонов, кој исто така се борел на страната на бунтовниците во раните триесетти години, за Ал Џезира изјави: „Бев вистински волонтер – половина година не видов ниту една рубља. Се што добив за мојата услуга беа неколку пара чорапи, гаќи, автобуска карта за дома и пиштол“.
Тихонов, кој сега е во Санкт Петербург и работи во градежништвото, рече дека разбира оти бунтовничките републики се „две квази-држави целосно контролирани од Москва“.
„Не знам зошто решија да создадат не една, туку две, секоја со своја војска. Тоа е глупаво, но сепак го направија тоа“, рече тој.
Меѓу рускиот контингент имало и голем број Чеченци. Во 2014 година Рамзан Кадиров, шефот на Чеченската Република и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека е подготвен да испрати 74.000 борци во Украина, додавајќи дека сите Чеченци кои веќе биле во Донбас биле доброволци.
„Едно време, сите седевме наоколу и пиевме. Овој постар Чеченец седеше спроти нас и ни рече: Знаете, јас се борев против вас [Русите], но тоа е минато, сега сме заедно“.
Излезе подоцна дека тој во 1996 година всушност седел дома и гледал телевизија, кога одеднаш тенк му удрил во куќата. Му кажав дека е смешно, бидејќи имав пријател кој тогаш служеше во Чеченија и кој удри со тенк во куќа во село токму во тој период“.
Друг помлад Чеченец му рекол на Фјодор дека неговиот татко му наредил да се бори во самопрогласените републики.
„Имавме Осетијци таму, имавме ветерани од [советската војна] Авганистан“, тврди Фјодор, додавајќи дека меѓу сепаратистите има и бразилски антифашистички активист. „Овде во Москва сме навикнати да гледаме лица од сите бои, но таму тој навистина се истакна“.
Бунтовниците се познати по нивниот тврд став кон законот и редот. На пример, зависниците од дрога во источна Украина добиваа редовни дози со метадон од Киев, но беа прекинати од официјалните лица во двете окупирани територии, кои воведоа политика на нулта толеранција со егзекуции и принудна работа. Зависниците беа принудени да копаат ровови под закана на борците со калашникови, додека осомничените дилери беа изнесувани среде селата и стрелани, и покрај тоа што многу од борците и самите имаат шарено минато.
Во 2015-2018 година имаше серија атентати на врвни команданти на бунтовниците, вклучувајќи го и Александар Захарченко, кој беше убиен во бомбашки напад во кафуле. Украинските безбедносни служби беа обвинети од Русија и од сепаратистите за атентатите, но украинските власти рекоа дека убиствата веројатно се последица на внатрешна борба за моќ. (Ал Џезера)