Кои се новите кандидати за министри во Владата?


Кандидатот на Алијанса за Албанците за министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, му бил советник на екс премиерот Никола Груевски за високо образование, наука и ИКТ. Овој факт, дека бил советник на Груевски, Алиу не го крие и во неговата биографија.По нападите на ВМРО-ДПМНЕ околу новите  именувања, од Алијансата возвратија со реакција. 

„Ја разбираме омразата на ВМРО-ДПМНЕ кон Алијанса за Албанците и нашите експоненти, која потекнува од 2017 година, кога го прекинавме нивниот режим и во многу други случаи кога ниту се предадовме ниту дозволивме тој режим да се врати…Оваа држава ќе биде без менталитетот на Груевски и неговите остатоци во белата палата која е поцрнета од криминалите“, пишува во соопштението.

По доаѓањето на СДСМ на власт, Владата на Зоран Заев обелодени дека Груевски во периодот од 2010 до 2016 година имал вкупно 91 советник, за што се трошеле по најмалку 1,73 милиони евра годишно. Инаку, Алиу е доктор по информатички науки и редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.  До сега работел во областа на компјутерска архитектура, оперативни системи, машинско учење и вештачка интелигенција. Алиу во своето екстензивно академско искуство работи на теми поврзани со интелигентни системи, анализа на сигнали и мулти-резолуциони слики, обработка на медицински слики.Родум е од Гостивар и има 47 години.

 Кренар Лога, кој е кандидат за министер за правда, е магистер по дипломатија на Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово, а тука завршил и факултет, каде станал дипломиран правник. Доаѓа од член на ДИК. Во неговата биографија стои дека има долгогодишно искуство во областа на правото, имал работно искуство на повеќе раководни позиции и во Општина Струга. Бил и извршен директор на Институтот за јавна политика Арбен Џафери, раководител на сектор за управување со човечки ресурси во Државното правобранителство, советник за правни работи во Општина Тетово, а бил и заменик-директор во Управа на финансиска полиција и ИТ демонстратор на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Д-р Фатмир Меџити, кој е предложен на министер за здравство, е специјалист невролог од државната клиника. Тој бил член на управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување а има искуство и во министерски кабинет за здравство во 2017 кога бил советник на министерот. Меџити е член и на Лекарската комора, македонско лекарско, невролошко друштво и на Европската академија за неврологија.

Каја Шукова е предложена на министерското место во Министерството за животна средина во кое доаѓа од местото државен секретар во истото министерство. Таа е дипломиран инженер технолог и работела во областа на заштита на животната средина во насока на одржлив развој и заштита на воздух, води и почви. Шукова е копретседател на поткомитетот за транспорт, енергетика, регионален развој, член е на комитетот за европски интеграции и претседател на Управен комитет на програмата за заштита на природата.

  Предложената реконструкција на Владата значи дека Алијанса за Албанците би добила три министерски и две заменик-министерски места, а Алтернатива би ги изгубила двата ресора што ги раководи во моментов. Алтернатива досега не се произнесе дали останува или ја напушта Владата на Димитар Ковачевски, а конечна одлука по ова прашање најави за денес.