Кои се Французите кои македонската дипломатија треба да ги знае овие шест месеци
За да се пробие бугарската блокада има повеќе луѓе на Макрон со кои македонските дипломати треба да разговараат за да се стигне до излез од ќор-сокакот

Париз на 1 јануари го презеде претседателството со ЕУ за наредните шест месеци. Во новогодишното обраќање претседателот Емануел Макрон изјави дека „2022 година мора да биде пресвртница за Европа“ и најави амбициозна агенда за блокот што може да ѝ служи и на неговата домашна кампања за изборите во април годинава.
По подолго време незаинтересираност на Париз за Западен Балкан и неговата европска иднина, Макрон претходно најави политика на повторно ангажирање и инвестирање на ЕУ во регионот. Тој ги спомена плановите во јуни да се одржи уште една конференција на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска изјави дека веднаш штом ќе биде формирана новата влада во Македонија ќе има средби со француските функционери. Тој рече дека првично било договорено средбата да биде веднаш по Нова година, но дека сепак таа ќе се одржи по изборот на владата.
Османи веќе воспоставил комуникација со Париз и очекува во разговорите со неговите соговорници да ги дознае француските планови околу проширувањето на ЕУ и датумот за првата меѓувладина конференција.
Кои се Французите со кои македонската дипломатија треба да разговара овие шест месеци за да може да има пробив на бугарската блокада. Бриселски „Политико“ денеска ги претставува клучните Французи во Париз и Брисел во наредните шест месеци, кои веројатно можат да придонесат за конечното одредување на датмуот. Еве неколку од нив на кои македонската дипломатија ќе треба да обрне повеќе внимание, затоа што и преку нив може да се стигне до излез од ќор-сокакот.
Клемон Бон: Европскиот мозок на Макрон До летото 2020 Клемон Бон беше советник на Макрон за Европа во Елисејската палата. Во јули 2020 беше назначен за државен министер за европски прашања во француската влада. Бон е еден од најблиските советници на Макрон за европски прашања и игра голема медиумска улога за сите работи за Европа. Тој ги испорача повеќето од јавните истражувања на Франција за Обединетото Кралство по „Брегзит“ преку националните медиуми.
Во декември тој беше на турнеја по европските престолнини за да ги претстави француските приоритет со претседавањето. Беше и во Софија на средба со сите клучни функционери, од претседателот Радев, преку премиерот Петков, до министерката за надворешни работи Генчовска. Неговите изјави во Софија за преговорите со Македонија беа полуоптимистички и полувоздржани, во голема мерка и од внимание кон домаќините.
„Политико“ пишува дека сите трнливи прашања поврзани со претседавањето со Советот на ЕУ ќе треба да поминат низ Бон и неговиот тим. Тој ќе биде главната клириншка куќа за одлуките.

Александар Адам: Очите на Елисејската палата на претседателството Одлуките што ќе поминуваат преку Бон и неговиот тим ќе бидат усогласувани со советникот за Европа на Макрон, Александар Адам. Тој е во Елисејската палата од почетокот на претседателскиот мандат на францускиот претседател Макрон. Адам е еден од неколкуте оригинални луѓе кои сè уште се таму. Пред да стане советник за Европа во јули 2020 година, откако Клеман Бон беше назначен во владата, тој беше еден од замениците на Бон, фокусирајќи се на односите со Германија и Источна Европа.
„Адам ќе биде еден вид контролна кула во Елисејската палата за претседавањето со Советот на ЕУ“, пишува „Политико“. Тој служеше во француската амбасада во Берлин пред да се приклучи на Елисеј во 2017 година и одржуваше добри лични врски со колегите во Германија. Тој, исто така, го разбира системот за градење коалиции, кој е туѓ на француската политичка култура, но клучен услов во играта на ЕУ. Тој беше главен двигател на корекција на курсот што Макрон го презеде кон Полска и Балтикот, откако претседателот првично почна стратешки дијалог со рускиот претседател Владимир Путин без консултации со неговите европски сојузници.
Валери Ајер: Шеф на кампањата на Макрон во Брисел Откако беше избрана за европратеник во 2019 година, Ајер се искачи на врвовите на моќта за кратко време, станувајќи еден од највлијателните француски европратеници на групата Обнови ја Европа и најактивните активисти на Макрон во Европскиот парламентот.
Ќерката на фармерите од западна Франција, Ајер стекна кредибилитет меѓу своите колеги за нејзината работа во управувањето со законодавството за буџетот на ЕУ во пост-ковид времето. Минатиот месец, таа го замени Стефан Сежурни како ко-водач на француската делегација на европратеници поврзани со Макрон, заедно со европратеничката Мари-Пјер Ведрен.
Таа е и претседател на Асоцијацијата за европска преродба, која е финансирана од партијата на Макрон и има за цел да го подготви теренот за неговото европско претседателство и да започне дискусии за блокот низ Франција.
Филип Леглис-Коста: Главен преговарач Леглис-Коста е постојан претставник на Франција во ЕУ и како таков, ќе има задача да претседава со „Корепер“ состаноците на амбасадорите на ЕУ. Леглис-Коста и неговиот заменик Фабрис Дубреј ќе треба да ги натераат нивните 26 колеги од ЕУ да се договорат за клучните досиеја што Франција ќе ги притиска за време на своето претседателство, вклучувајќи ги актите за дигитални пазари и услуги, механизмот за прилагодување на границата со јаглерод и минималната плата на ЕУ. Меѓу нив е и досието за отпочувањето на преговорите со Македонија и Албанија.
Леглис-Коста, советник за ЕУ на поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, ќе дејствува како чувар на влијанието на Франција за време на претседателството, вклучително и со претседавање со сите важни состаноци на француски јазик.
Стефан Сежурни: Човекот на Макрон во Брисел Поранешниот советник на францускиот претседател, Сежурни беше избран за член на Европскиот парламент во 2019 година и неодамна стана лидер на третата по големина група во Парламентот, Обнови ја Европа.
Во таа улога, тој ќе ја води работата на својата група за многу од прашањата што француското претседателство ќе сака да ги заврши или да ги унапреди во текот на својот мандат. Сежурни исто така работи напорно на проширување на либералното семејство во Парламентот и во Европа. Со оглед на тоа што француското претседателство и можната кампања за реизбор на Макрон се наближуваат, се очекува нефранцуските европратеници од Обнова Европа внимателно да го следат Сежурни. Тој ќе треба да докаже дека е лидер на европските либерали, а не шеф на кампањата на Франција и Макрон во Европскиот парламент. (Н.В.)