Кои се Елисавета и Оливер, невестата и младоженецот на годинешната „Галичка свадба“
Оливер Андреевски и Елисавета Булоска се годинешните зет и невеста на јубилејното 60-то издание на манифестацијата „Галичка свадба“, која ќе се одржи од 14 до 16 јули.
– Во Галичник почна нашата љубов со Оливер и драго ми е што ќе ја овековечиме таму. И многу сме среќни и тука сме еден за друг да се поддржиме, вели Елисавета.
– Јас имам потекло од Галичник, невестата има потекло од Охрид. Се запознавме во Битола. Бевме пет години другари и во Галичник се случи да се роди поголема љубов од другарство и тоа ни беше мотив да се пријавиме за Галичка свадба оваа година. За среќа, нè избраа и сега сме спремни за викендот.Веќе пет години се знаеме и цело време ѝ зборувам за Галичник. Се одлучивме да се пријавиме да учествуваме и со голема желба, љубов и почит кон нашите предци да учествуваме на свадбата заедно со нашите семејства и да се венчаме токму во Галичник со сите обичаи, изјави Оливер.

„Зачудувачки е прилично лесно зашто иако носијата е тешка, таа тежина е убаво распределена, распоредена… така што многу е пријатно да се носи“, вели невестата Елисавета.
Двојката во Галичник ќе го склучи и граѓанскиот брак и свадбата со сите обичаи.
Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата во Скопје, рече ова е време кога се слават љубовта, семејството и заедницата.
– 60 години традиција, радост за враќање дома во родниот крај и 60 години Галичка свадба. Историски мост помеѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современост. Галичка свадба е повеќе од еден обичен настан, таа претставува вистинско патување низ времето, волшебен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите и ги чуваме со голема почит, рече Костадиновска-Стојчевска.
Во програмата за Галичка свадба предвиден е целовечерен концерт на „Фолтин“, кој ќе се одржи на 14 јули, а в сабота доцна попладне почнуваат сите обичаи поврзани со „Галичката свадба“. За време на Галичката свадба во Галичник ќе има и сообраќаен режим.
Покровител на манифестацијата „Галичка свадба“ е претседателот на државата Стево Пендаровски, кој по татко е Галичанец.
Галичката свадба традиционално почнува со поставување на свадбарскиот бајрак и „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа се играат традиционалните ора, меѓу кои и „Тешкото“, кај познатата чешма Упија. Веселбата трае до раните утрински часови, во недела се зема невестата и со гледање низ прстен и сите други автентични свадбени обичаи, обредот на венчавање се случува во црквата „Св. Петар и Павле“. Свадбата завршува со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.