Кои паркинзи добија места за паркирање автомобили од семејства со мали деца
АМСМ доби грант од Фондацијата ФИА со кој овозможи да се спроведе проектот за „Безбедни семејни паркинг зони“, со што се овозможи на повеќе паркинзи да има обележани паркинг-места за автомобилите на трудници, или семејства со мали деца до 3 години.
Посебно обележаните места се „резефвирани“ за овие категории граѓани, но доколку тоа е платен паркинг, тие не се ослободени од плаќање.
Проектот „Безбедни семејни паркинг зони“, подразбираше измена на Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот, во кој по соработка со Министерството за транспорт и врски, беше воведена хоризонтална и вертикална сигнализација за обележување на ваквите безбедни семејни паркинг места и беа дефинирани сите спецификации поврзани со нивното обележување и користење. Притоа, за пример ги имавме европските земји и нивната регулатива и пракса.
Првите паркинг места беа обележани во станиците за технички преглед на АМСМ во Скопје (Центар и Чаир) и во Велес, а дополнително во соработка со Град Скопје, се обележани и 27 паркинг места кои на почетокот ќе им бидат достапни на трудниците и родителите на деца до 3 годишна возраст за паркирање. Истите се во рамките на следните паркинзи со кои стопанисува ЈП Градски паркинг Скопје:
- Зона А0 – Средно Водно – обележани се 4 паркинг места (две места на горниот и две места на долниот паркинг)
- Зона А3 – ул.„Даме Груев“, пред полициска станица Беко – обележано 1 паркинг место
- Зона А4 – ул.„Даме Груев“, позади Собрание на РСМ – обележани 2 паркинг места
- Зона А5 – ул.„Орце Николов“ – обележано 1 паркинг место
- Зона А8 – Камен мост – обележани 2 паркинг места
- Зона Ц15 – ул.„Ѓуро Ѓаковиќ“ – обележано 1 паркинг место
- Зона Ц 80 – „Зоолошка градина“ – обележани 3 паркинг места
- Зона Д4 – „Веро“, Аеродром ( Рударски институт) – ќе се обележат 2 паркинг места по завршување на градежните работи на паркингот, кои се во тек
- Зона Д 40 – Болница „8-ми Септември“ – обележани 3 паркинг места
- Зона Д 62 – Тениски клуб „АБЦ“ (Сточарски Институт) – обележани 2 паркинг места
- Зона Д1 – Хотел „Русија“ – обележани 2 паркинг места
- Зона Л – Клиника за гинекологија и акушерство, Клинички центар – обележани 4 паркинг места
Во соработка со ЗЕЛС, се планира обележување и во општините на територијата на град Скопје, а потоа и во Велес, Охрид, Битола, Тетово, Штип, Куманово, како и понатаму низ целата држава.
Во таа насока, изразуваме огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје, ЗЕЛС, Државната клиника за гинекологија и акушерство и Факултетот за безбедност, за поддршката и реализацијата на овој проект.
„Полицијата доследно се грижи за спроведување на законските одредби од сообраќајот и преку превентивни активности и преку зајакнати сообраќајни контроли, што евидентно резултира со зголемено почитување на правилата и прописите во сообраќајот од страна на граѓаните. Во изминатиов период, санкционирани се околу 5.000 возила и околу 500 мотоциклисти за низа прекршоци, од кои најприсутно е пречекорувањето на дозволената брзина на движење, кај 1.500 од казнетите возачи. Иако на моменти ни се забележува на ригорозноста, ние сме сепак одлучни во нашиот пристап кон подигање на безбедноста на сообраќајот на едно високо ниво какво што нашите граѓаните заслужуваат“, рече министерот Спасовски.
По овој повод градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изјави: „Овие паркинг места се утврдени на најповолните локации што им се потребни на овие граѓани и тоа пред здравствени установи, одредени центри за пазарење, како и пред јавни објекти кои првенствено се наменети за најмладите. Водевме грижа, овие паркинг места да бидат поставени и на најсоодветните места, односно при влез-излез на самата паркинг зона.“
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, го пофали проектот и рече: „Би сакал да најавам дека веќе работиме на проектот за Урбан Мобилити Tранспорт во Скопје, проект преку кој ќе се обезбедува пристапни опции за транспорт за сите граѓани, обезбедување лична безбедност и безбедност во рамките на транспортниот систем и подобрување на целокупниот квалитет на живот на граѓаните.“
„Ги повикувам трудниците и семејствата со деца до 3 годишна возраст да ја искористат привилегијата за паркирање на овие паркинг места и да ја извадат потребната ознака во Станиците за технички преглед на АМСМ во Скопје, во Центар (секој работен ден од 07:00-19:00ч. и сабота од 08:00-15:00ч.) и во Чаир (секој работен ден од 08:00-16:00ч и сабота од 08:00-13:00ч.)“, рече генералниот секретар на АМСМ, Димитар Миновски, по овој повод, изјави:
Ознаката за паркирање на безбедните семејни паркинг места, гарантира резервирано и внимателно избрано паркинг место, но не ослободува од надоместокот за паркирање.
За трудниците следи бесплатна брошура со совети, а за сите следи налепница за обележување на возилото за превоз на бебе или дете во автомобил, која корисниците ја добиваат бесплатно.