Кои компании од Берзата се „милијардери“ според добивките, а кои „загубари“

На Берзата котираат 94 компании. Од нив лани 68 имале вкупна добивка во износ од 21,4 милијарди денари (347 милиони евра), а 21 компанија имале загуби во вкупен износ од 1,75 милијарди денари (28,39 милиони евра)


Компаниите кои што котираат на Македонската берза минатата година оствариле вкупни нето добивки од 21,4 милијарди денари или околу 347,2 милиони евра, што е за 22,83 отсто повеќе од претходната 2022 година, кога вкупните добивки изнесувале 17,4 милијарди денари или околу 282,6 милиони евра. Истовремено, лани биле поголеми и вкупните нето загуби, кои достигнале 1,75 милијарди денари (околу 28,39 милиони евра), наспроти 1,29 милијарди денари или околу 21 милиони евра во 2022 година. Сепак, поголемиот пораст на добивките во однос на загубите на вкупно 94 котирани компании на берзата придонесоа нето финансискиот биланс лани да биде 19,6 милијарди денари (318,75 милиони евра) што е за 22,25 отсто повеќе во однос на претходната 2022 година кога тој изнесувал 16,08 милијарди денари, или околу 260,73 милиони евра.

Овие податоци денес сублимирано ги објави Македонската берза на својот портал, и тие се засноваат на неревидираните биланси на успех на котираните друштва објавени на платформата СЕИ-Нет.

Од извештајот произлегува дека лани со добивка годината ја завршиле 68 котирани компании, наспроти 73 една година претходно, додека со загуба 21 наспроти 17 акционерски друштва во 2022 година. Лани исто така, една компанија не објавила финансиски извештаи (во 2022 година немало таков случај), додека четири компании биле долгорочно суспендирани, исто колку и претходната година.

Како што посочуваат од Берзата, за друштвата кои немаат објавено финансиски извештаи во предвидените рокови презеле соодветни мерки.

Најголеми добивки и минатата година како и една година пред тоа имаа трите најголеми банки во државата, Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ.

Предничеше Комерцијална банка со нето добивка од 3,6 милијарди денари (околу 58,4 милиони евра) за 65,88 отсто повеќе од 2022 година. Втора, според нето-добивката лани беше Стопанска банка Скопје со 3,46 милијарди денари или околу 56,2 милиони евра, со исто така висок пораст од 42,09 отсто повеќе во однос на 2022 година. НЛБ банка лани имаше нето добивка од 3,2 милијарди денари или околу 52,15 милиони евра, за 32,17 отсто повеќе од 2022 година.

Зад оваа голема тројка со одлични деловни резултат може да се пофали и Македонски телеком со 2,08 милијарди денари (33,7 милиони евра) што е за 38,66 отсто повеќе во однос на една година претходно.

„Милијардери“ според нето добивките се и нашата најголема фармацевтска компанија „Алкалоид“, која лани имаше консолидирана нето добивка во износ од 1,57 милијарди денари (или 25,56 милиони евра), за 7,75 отсто повеќе од 2022 година, и Цементарница УСЈЕ која лани имаше нето добивка од 1,5 милијарди денари (24,47 милиони евра) или за 46,65 отсто повеќе од 2022 година.

Огромен пораст на нето добивката лани прикажал Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ – Битола од фантастични 1.197 отсто. Оваа компанија лани имала нето добивка од 504 милиони денари или околу 8,17 милиони евра.

Процентуално поголем пораст од ова имала „Нова Стоковна куќа Струмица“, дури 1.717 отсто, која лани имала нето добивка од 15,9 милиони денари или 258,4 илјади евра и која е значително помала во апсолутен износ на онаа на ЗК „Пелагонија“.

Кај „загубарите“, лани се издвојува негативниот финансиски резултат на „Либерти“ АД Скопје, која имала нето загуба од 857,8 милиони денари (дури 13,9 милиони евра). Треба да се има во предид дека оваа компанија и една година претходно имала уште поголема загуба, 944 милиони денари.

Високи нето загуби прикажаа и „Жито Караорман“ – Кичево во износ од 204 милиони денари (3,3 милиони евра) и „Вебтек МЗТ“ АД Скопје во износ од 200 милиони денари (3,2 милиони евра).

Сепак, веројатно најнепријатното изненадување е загубата која ја прикажа Стопанска банка Битола, која лани изнесуваше 189,8 милиони денари (или околу 3,07 милиони евра), наспроти добивката во 2022 година од 29,9 милииони денари (485,4 илјади евра).
Целата листа на компании со постигнатите резултати е достапна на следниот линк. (M.J.)