„Кога правиш планови, некој горе се смее“: Интервју со Никола Ристановски, актер

Играта е клучен збор. Актерството не треба да остава лузна, треба да лекува. Инаку, тоа би било неиздржливо, вели за „Независен“ нашиот најнаградуван актер


Фото: Б. Грданоски

 

„Наградите значат многу, особено за оној што ги нема. Фино е тоа, во една фаза наградите се важни за да потврдат дека не си осамен во тоа што го правиш. Има разни форми на награди. Секоја претстава за мене е најголема награда, а не статистиката. Има многу добри актери кои немаат освоено награди, има исполнети актери“, вели, во интервју за „Независен“, Никола Ристановски (1969, Острава, Чешка), најнаградуван актер кај нас, со респектабилна кариера дома и во регионот, сам по себе мистерија, но и дасо. Водолија со подзнак Бик, кој во амбиентот на неговиот матичен театар МНТ, со мирис на тазе испечена тиква околу нас, ни откри дека најубаво му е дома, со семејството и блиските луѓе.

Фото: Б. Грданоски

На што ќе заборавите во 2024, а што очекувате во 2025?

Почнавте со најтешкото прашање. Имам способност, или некој механизам, немам навика, а немам ни доволно простор ниту време за сеќавања. Барем не – во календарска смисла. Чувствувам после секое изминување на една година, елементарно задоволство, дека сепак сме ја изгурале годината. Тоа ми е примарното чувство и штом влеземе во следната, следното примарно чувство ми е, дај што ќе правиме сега. И секоја нова година, како што изминуваат годините, ја чувствувам како нов предизвик, човек да се справи со просторот и времето во кое што живее.

 

Вие сте еден вид летечки актер, долги години на релација Скопје-Белград, вашиот талент го препознаа и во Индија каде снимивте филм. Дали со годините патувањето ве заморува, или напротив, ви е движечка сила?

Јас го сфатив како дел од работата. Просто, има професии кои подразбираат патување, и тоа го имам ставено во фолдер дека тоа е така и прашањето околу тоа е само како човек ќе се организира. Значи, имам четири-пет претстави во Скопје на репертоар, четири-пет претстави во Белград на репертоар, се случуваат и разни снимања и ваму и таму, и најважно е да направиш распоред во кој ќе преживееш.

 

Како се случи филмот во Индија? За што станува збор?

Филмот е продукција на Митевски, Теона е режисер, Лабина е продуцент, со меѓународен и сериозен кастинг. И јас влегов во филмот преку кастинг. Поголемиот дел од снимањето беше во Белгија и бидејќи дејствието се случува во Индија, некои сцени мораа да се снимат таму. Јас тешко излегувам од зона на комфор, но за оваа приказна ја прифатив таа околност. Верувам во приказната, имам огромна почит кон целата продукција.

 

Прв пат бевте во Индија?

Да. Важно искуство. Имам способност, кога работам, да селектирам сѐ околу мене. Но, Индија, од друга страна, е специфична по многу нешта. Она што беше главното чувство е сознанието дека, на некој начин, ние живееме во еден свет кој е длабоко европоцентричен, и секогаш е големо изненадување за нас дека постојат други планети на Земјава. Тоа беше апсолутно, сосема друга планета, со многу контрадикторности, сиромаштија, богатствa, културолошки различности, а сепак наидуваш на луѓе кои се длабоко среќни она она што се.

Фото: Б: Грданоски

Како ги избирате улогите? Битен ви е авторот, режисерот, кастингот….

Имам чувство дека никогаш не сум избирал улоги. Дури отпосле дознавав дека ми биле важни. И реално, не сум имал доволно време да размислувам што би сакал да правам. Од друга страна, отсекогаш, евидентно, ме привлекувала голема литература и големи теми, ствари кои не се променливи во функционирањето на човекот. Големата литература е секогаш извор на работи кои се непроменливи, кои на некој начин се занимаваат со принципите на функционирање на обичниот човек во необични контексти, времиња, уредувања. Секогаш класиката ми била примарна околност, но како што одминува времето, во рамките на таа класика, се помалку ме интересираат големи херои. Сѐ повеќе ме интересира, оној мал, едноставен човек и филозофијата и психологијата што ја носи во своето секојдневие, во својата егзистенција. И на крајот, сепак тие две работи можат да се спојат.

Важна ми е екипата со која што соработувам, креативниот дел од човечкиот фактор, режисерот, неговите погледи, размислувања, неговиот ракурс, и, се разбира, екипата, во смисла, пред сѐ актерската, каде што чувствувам дека има простор за размена, на сериозни работи, но никогаш тоа не било концептуално, за да бидам нефлексибилен. Во текот на процесот, доаѓаш до корелации, со актери, сценографи, костимографи… и никогаш не е добро да се има фиксен план. Секоја нова претстава, филм или проект е нов приемен испит кој може да те изненади. И обратно, ако мислиш дека се добро си испланирал, можеш да ја згрешиш работата. Тоа е исто во животот. Кога правиш планови, некој горе се смее.

 

Сте одбиле ли улога?

Секако, ако не се пронаоѓам во неа, или сум немал слободен термин. Никогаш немало трета причина.

 

Имате ли ваш ритуал кога подготвувате улога и пред премиера?

Немам специфичен ритуал, не правам од тоа спектакли. Сакам доволно време да му посветам на она што го работам и да го дадам максимумот. Премиерата му доаѓа како чин на породување и тоа  и секогаш е тешко. Мене секогаш повеќе ме интересираат тие девет месеци на носење на детето и неговиот живот по породувањето. Самото породување само по себе е стрес. На тој начин гледам спрема премиерите. Како породување кое мора да се случи.

 

Дали отсекогаш знаевте дека ќе бидете актер?

Не. И добро е што е така. Кога нешто отсекога знаеш, раѓа претенциозност, предрасуди, погрешни амбиции. Да имаш погрешни претстави за себеси… Бев затекнат од тоа што успеав да  се запишав на Академија, од тоа што после почнав да работам, што продолжив да работам. И ете, поминаа многу години. Во секој случај, голема привилегија е човек да живее од работата што ја сака.

Фото: Б. Грданоски

Се смени ли уметничкиот и професионален амбиент кај нас?

Уметничкиот постојано се менува. Никогаш не е константен. И тоа е нормално. Не мораме да разговараме за позитивна или негативна промена. Уметноста е секогаш во корелација со животот, просторот и времето во кое живееме. Животот во крајна линија е една од причините зошто уметноста постои. Дали станува збор за 30-тите години од минатиот век во Германија или за времето на ренесанса, Стара Грција, Сумерите, соцреализмот или меѓупросторот на нашиов сомнителен амбиент, сеедно… Уметноста, големата литература, театарот, e потрага по нов свет, заради незадоволството од светот кој што постои. Зошто би создавале нови животи, романи, претстави, партитури, ако постоечката математика задоволува во сите сегменти. Бараме подобро, поубаво, поинакво.

Бараме разбирање на механизмите, го анализираме човекот и бунтовно поставуваме прашања. Оти немаме резервен живот да чекаме подобри околности. Никогаш нема да дојдат подобри. Мојот живот е идентичен на секој просечен Македонец, на секој просечен Европеец, и јас се борам за својата егзистенција, ги имам истите дилеми како секој нормален човек, јас ги гледам истите вести, ги чувствувам истите неправди. И се обидувам сето тоа да не го кријам во мојата работа. Во работата се имплементирани сите мои радости, стравови, надежи, сите мои размисли и побуни. Имам среќа да тоа можам да го имплементирам во работата. Ниту сум почнал да ја работам од комотна позиција, ниту сум си дозволил да бидам во комотна позиција. А ако, си дозволам, престанувам да бидам глумец, уметник. Зачувањето на сопствените некомотни позиции е здраво. Комформизмот носи многу проблеми.

 

Дали сте добиле понуди да бидете директор, министер…?

Се разбира дека добивав…, а понекогаш и не добивав. Како и да е, луѓето на време сфатиле – дека сепак јас сум само глумец.    

 

Дали има разлика глумата на театарската сцена и на филм?

Често велат дека има, многу често се согласувам дека има, а во суштина, некаде на изворот, појдовната точка е иста. Барање по елементарна вистина. Тоа е заедничкото. Некогаш средствата се поразлични. Немам точно мислење по ова прашање. Вистината е заедничка и за едното и за другото. Сѐ друго е технологија на производство и пласман. Но ако сакаме да бидеме чесни, јас се чувствувам како театарски глумец. Ако треба нешто да припомогнам на филм, тука сум.

 

Ви значи ли тоа што сте најнаградуван актер кај нас, имате добиено 52 награди? Која е сатисфакцијата?

Наградите значат многу  особено за оној што ги нема. Фино е тоа, во една фаза наградите се важни за да потврдат дека не си осамен во тоа што го правиш. Има разни форми на награди. Секоја претстава за мене е најголема награда, а не статистиката. Има многу добри актери кои немаат освоено награди, има исполнети актери.

 

16 години го играте Нуредин од „Дервиш и смрт“ и Леон од „Глембаеви“. Две различни личности… Како се трансформирате во улогите?

Не влегувам во улогите, ги пуштам кај мене на гости. Се обидувам да реагирам на тие околности, онолку колку што мене ме тангира. Некогаш тоа не е доволно, некогаш се поклопува, зашто ликот може да е блиску до тебе. Има разни системи во оваа работа. Моја е да реагирам на околностите во кои се наоѓам како лик. Се разбира дека ова е упростено, да бидеш жив човек кој реагира на одредени околности и да не ги пропушташ никогаш тие околности. Тоа е своевидно товарење на сопствениот хабитус, на разни ситуации. Кога имам тешки улоги, никогаш во главата не заборавам дека сето тоа е сепак само една игра. Играта е клучен збор. Дури и во најголемите трагедии, и кога споделуваш трауми со публиката со години,  мора во мозокот да има потсетник дека сето тоа е една игра. Актерството не треба да остава лузна, треба да лекува. Инаку, тоа би било неиздржливо.

 

Дали како актер сте имун на политиката, или сте ангажиран актер на кој му е важно што се случува во државата?

Важно е. Една од главните причини зашто сум на сцена е зашто се чувстувам како антена, како спроводник. Театарот не нужно мора да биде политички ангажиран, бидејќи тоа би било тавтологија. Театарот е политички ангажиран. Во своето битие. Да се вратиме на грчката трагедија. На Шекспир, на пример. Таму нема ниту една драма која нема јасен и бриток политички контекст. А ние се обидуваме да оставиме трага на она што трае подолго од нас…дневната политика е секако занемарлива во однос на театарот, ние треба да ги бараме механизмите, принципите, естетските и етичките начела кои се универзални и безвремени. Многу често дневната политика е просто лишена од сето тоа и не е заслужна да биде во театар. 

 

Дали некогаш лично на себе сте го почувствувале притисокот на политиката?

Секојдневно. Како и секој обичен и мислечки човек. Секое будење, секое легнување, гасење на телевизор. Ние, се разбира, не можеме да живееме независно од политиката. Сето она што го чувствуваат сите луѓе, го чувствувам и јас. Не само тука, туку и во светот.

Фото: Б: Грданоски

Во Србија, особено актерите и интелегенцијата многу се активни во давање на поддршка на студентските движења и на политичката сцена. Зошто кај нас не е така?

Не знам дали кај нас нешто е или не е. За мене нема никаква дилема што поддржувам, а што не. Ја имам таа привилегија на луѓето да им е сосема јасно, немам потреба додатно да плакатирам. Поддршката е многу важна. Но од друга страна, сме гледале разни поддршки од разни мотиви. Се разбира, она што е мојата црвена линија е – дека младите пред сѐ немаат должност да се слагаат со нашите компромиси. Младите треба да одлучуваат за својата иднина. Да ги артикулираат своите потреби и незадоволства од светот што им го оставаме. Секогаш кога ќе им се придружи некој од друга генерација, тој има некоја, многу често, не велам постојано, има друг есап. Многу е тешко да се генерализира. Секогаш ќе застапувам слободарски мислења, но секогаш со една мала назнака дека со тоа оди голема одговорност. И со слободата многу често се манипулира. Верувам во личен интегритет и верувам во лична одговорност.

 

Со кои актери од Србија се дружите?

Во суштина, толку се дружам со актерите на сцена, што не ми останува време ниту потреба да се дружам надвор од сцената. Секако, имам драги луѓе со кои имам двострана комуникација. Секоја претстава е запознавање со колегите. Значи, немам потреба од додатни часови.

 

Приватноста ја чувате далеку од очите на јавноста и малку зборувате за вашето семејство. Зошто?

Имам изиграно три илјади претстави. Се отвораш себеси пред публиката. Нема остаток. Овде споделувам 30 години, сѐ што имам. И кога ќе ме прашаат што мислам? Па знаете што мислам, побогу. По сите прашања, и за Македонија и за Шри Ланка.  И таму каде што не сакам да се артикулирам, јасно им е зошто не сакам да се артикулирам. Има  луѓе со коишто се разбираме.  И во тој контекст, имам чувство дека знаат сѐ за мене и за моето семејство. Имам сопруга 25 години, и две ќерки, од 25 години и од 10 години.  

 

Што правите во слободно време? Како ги полните батериите?

Кој знае дали се опуштам. Најмногу сакам да сум дома, евентуално да готвам, и евентуално малку да се оди на планина, да бидам со луѓе со кои ми е драго да се видам, круг на пријатели. Доволно ми да застанам на скии два пати и да имам чувство дека сум скијал цел месец. И десетина дена во годината да бидам надвор од професијата. Во Берлин или во Крушево – сеедно. 

 

Дали Скопје е уште ваш град, иако сте родени во Острава, Чешка?  

Се разбира дека е мој град. Поголем дел од животот сум го поминал тука, како и на други места. И Тетово е мој град каде што сум поминал клучни години до 16, 17 години, исто клучен период. Кога ќе кажат, Скопје веќе не е мој град, се прашувам и дали некогаш бил. Кога ќе заклучам дека бил, мора еден дел да остане твој. Не може да го избришеш. И не може градот во кој си растел да не се менува. Некогаш ти одговара, некогаш не ти одговара. И на Одисеј не му одговарало што затекнал на враќање дома во Итака. Се разбира дека архитектурата без луѓето не значи ништо. Се јавува тој феномен, кога полека ги снемува луѓето, кои те задржуваат со градот. Tоа е поголема катастрофа од тоа кога ја снемува архитектурата. Има феномен што се вика носталгија.

 

Патувате ли во Чешка?

Одамна не сум бил во родниот град, ама неодамна поминав низ Чешка по многу години. Колку што ја сакам земјава, човек секогаш има однос и кон местото на раѓање. Го памтам  времето поминато таму, имам планови наскоро да го посетам, тоа е работа на енергија. Имам роднини, зашто до десеттата година живеев таму, што не е малку. Клучен период во развој на еден човек.