Кога ни националните колоси не значат ништо

Каде беа академиците, писателите, поетите и македонистите, на промоцијата на донациите на личните фондови на Анте Поповски и на Матеја Матевски во Музејот на македонската борба?


Еден значаен и несекојдневен културен настан – донациите на личните фондови на академиците Анте Поповски и на Матеја Матевски што се одржа во Музејот на македонската борба покажа колку ние (не) ги почитуваме големите национални колоси кои дале огромен придонес за македонската култура и идентитет.

Настанот беше организиран од семејствата на Матевски и Антевски и од Музејот, со поддршка и од Министерството за култура со инспиративни говори и обраќања за значењето на двајцата наши великани, со потенцирање дека Музејот ги збогатува фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници, чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20. век.

Не би требало да се верува дека книжевното и културното наследство на Поповски и Матевски нема да бидат инспирација за секој посетител, да зачекори во едно не толку далечно време, на места во кои нивното величество зборот и логосот и денес одекнуваат како ехо укажувајќи ни дека (цитат од А. Поповски) „ мајчиниот јазик и јазикот со сета своја широчина е централна поента на она што сме ние како човештво“.

Она што остави темна дамка беше отсуството не само на тие што со години ја алармираат јавноста за загрозување на македонската нација, јазик, историја и идентитет, туку и од академиците, писателите, поетите, македонистите, па дури и од културните институции и институти, но и од политичкиот врв, како незаобиколен декор на секој позначаен и незначаен настан во државата.

Да беа тие присутни колку што заслужуват Матевски и Поповски ќе беше тоа одлична порака до политичарите кои за да дојдат до власта главното оружје и жестоката пропаганда за загрозениот идентитет, јазик и историја на Македонците им беше главна тема на изборните кампањи.

Зафатеноста со поделба на власта по големата изборна победа по сѐ изгледа беше многу позначајна од оддавање почит на овој несекојдневен настан кој го обединува пишаниот збор во творештвото на Поповски и Матевски, како претставници на една поетска генерација која ги изгради естетските фундаменти за развојот на модерната македонска лиетартура.

Од МАНУ отсуствуваа тие што беа најгласни за одбраната на идентитетот, а од најпатриотските партии и политиката  тие кои ги остваруваат своите цели  повикувајќи се на одбрана на посебностите на македонскиот народ.  Тоа е тој лажен патриотизам на кој сме сведоци низ целата македонска транзиција. Од лустрација на македонски дејци почнувајќи од академиците Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман, и скулпторот Томе Серафимовски, па до омаловажувањето на џинот Блаже Конески, творецот на литературниот македонски јазик, кого го прогласија бесрамно за „џуџето од Небрегово“ и уште десетици значајни творци, научници и писатели.

Каде се истакнатите поети и писатели од помладата генерација со своето присуство и интерес да одадат почит на македонските литературни колоси како Матевски и Поповски, со исклучителни награди, функции и општествени ангажмани, за кои тие сонуваат? Или, заедно со писателите и поетите од постарата генерација се зафатени со изборот на претседател на ДПМ чие значење стана маргинализирано во општеството?

Дали живееме во клима на непочитување, на принуден заборав, во држава каде никој не значи ништо? Или толку сме арогантни и самобендисани па не сакаме да го пореметиме комфорот и да излеземе од сигурната зона на нашите домови за вакви културни настани каде немаме интерес? Како да се случува генерациски јаз меѓу „новите“ и „старите“ поети и писатели, како да не им е важен континуитетот со основоположниците на македонската култура, препознатливи на европската културна мапа, уважувани надвор, а се повеќе непочитувани дома.  Или човекот и автор се почитува додека е жив, а кога ќе замине од овој свет, веќе не е важно, како сведоци ќе останат нивните дела и творештво да не потсетуваат кои сме и што сме, или нема да бидеме.