Кога детската уметност добива сцена – Комерцијална банка и оваа година со „Битолино“

Во август Битола традиционално станува сцена на детската уметност, љубопитност и бескрајна креативност. Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ и оваа година ќе ги донесе најдобрите детски претстави од целиот свет пред домашната публика.
Под мотото „Театарот го менува светот“ од 3 до 7 август во НУ Центар за култура во Битола ќе се одржи 14. издание на интернационалниот детски театарски фестивал . А покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот годинава подготви богата придружна програма.
Шест претстави од Грузија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Албанија и од Македонија ќе се натпреваруваат за фестивалското гран-при за најдобра претстава во целина. Дел од програмата се театрите „Нодар Думбадзе“ и „Пиро Ќеци“, национални установи од Грузија и од Албанија. А ни доаѓаат и признаените независни продукции: „Колибри“ од Унгарија и „Мала сцена“ од Хрватска, кои важат за најстари и водечки театри за деца во своите земји. На програмата е и куклениот театар „Сенџу“ од Бугарија, кој ни носи јапонски куклен театар по методот на Такеда, а за првпат на „Битолино“ ќе учествува и театарот „Сенки и облаци“ од Скопје.
– Нашите сцени се место каде што детската насмевка, фантазијата и искрените емоции се во центарот на вниманието. Преку театарот ние не само што раскажуваме приказни туку и ги воспитуваме идните генерации – во духот на емпатија, разбирање и љубов кон уметноста. Срдечно им се заблагодарувам на сите театри од целиот свет што изразија интерес да учествуваат, а особено – на децата, нашата верна публика изминатите тринаесет години, кои се срцето на сè што правиме – истакна Филип Етмишовски, директор на „Бабец театар“ и на интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.
Во годината кога Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, кој важи за носечка платформа за театарските аматери, е оправдано одложен, „Битолино“ одлучи да им ја отстапи својата сцена на аматерските театри и театарски школи од земјата. Оваа година во придружната програма ќе бидат Театар Чекори од Скопје и театарот при ЈОУ Дом на култура „Иван Мазов–Климе“ од Кавадарци. Фестивалот ќе го отвори и затвори театарската школа „Бабец“ со претставите „Зборови“ и „Аудиција“. Токму со премиерата на младинската постановка на „Аудиција“ по текст на Александар Галин, „Бабец театар“ ќе го одбележи и својот јубилеен 15. роденден.
Во придружната фестивалска програма е и дводневна театарска работилница за куклен театар „Светот на куклите“, со бугарската режисерка и актерка Ефимиа Павлова. Токму директорката на Државниот куклен театар во Сливен, Бугарија, ќе биде претседателка на фестивалското жири. Другите два члена се македонските актери со интернационална театарска, филмска и телевизиска кариера: Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.
Фестивалот е поддржан како проект од национален интерес во рамките на годишните програми на Министерството за култура и туризам на Македонија и на Општина Битола.
А, Комерцијална банка, како општествено одговорна компанија, со гордост ја продолжува својата поддршка на фестивалот, препознавајќи ја неговата уникатна мисија – да инспирира, едуцира и да создава идни генерации љубители и творци на културата.