Кочани не ја научи лекцијата? – прашува Венко Крстевски


Дивоградбите на угостителските објекти во Кочани останаа. В.Д. градоначалникот Венко Крстевски, кој на неодамнешните локални избори не успеа да се избори за градоначалнички мандат, вчера, по почетокот на судењето за обвинетите за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, укажа на проблемот кој остана во Кочани.

„Што правиме со дивоградбите угостителски објекти во трговски, за кои поднесов кривична пријава пред точно 5 месеци, бидејќи имав саботажа од општинските инспектори?! Треба ли да се случи нова хаварија со човечки жртви за да се постапува? Што значи правда за Кочани, ако лекцијата не е научена?“, праша Крстевски.

Тој, по стапувањето на должноста В.Д. градоначалник по оставката на тогашниот градоначалник Љупчо Папазов, се обиде да ги отстрани доградбите на повеќе угостителски објекти во центарот на Кочани, сметајќи дека и тие ја загрозуваат безбедноста на посетителите. Со цел, да не се повтори слична трагедија, како онаа во дискотеката „Пулс“, ги задолжи сопствениците на угостителските објекти на плоштадот во Кочани да ги остранат терасите и доградбите, но до денеска тоа не се случи.

– Од наша страна ќе им дадеме 30 дена период за кој корисниците на јавните површини треба да ги отстранат или прилагодат објектите според соодветните одобренија, а ако не ги отстранат ќе дојде до насилно рушење што ќе претставува дополнителен трошок за нив – најави Крстевски при крајот на август годинава, но тоа не се случи.

Угостителите тогаш се пожалија дека со години работат по ист принцип со дозвола од поранешни власти, и редовно ги подмируваат обврските кон државата и Општината.

Целта на отстранувањето е да се овозможи побрз пристап за пожарникари, брза помош и полиција.

Крстевски, во вчерашниот пост на социјалните мрежи наведе извадок од излагањето на обвинителот Борче Јанев, на вчерашниот почеток на судењето за дискотеката „Пулс“:

„Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција, — пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница.

Затоа денес бараме одговорност по име и презиме, бараме правда, правда, но не заради утеха и одмазда, пправда како последица на незаконитост. За светлата во дискотеките никогаш повеќе да не го заслепат разумот и за ниту еден лажен сјај, самоволие и привид на контрола и постапување… никогаш повеќе да не бидат посилни од човечкиот живот“.

На локалните избори, пред еден месец, за градоначалник на Кочани е избран Владко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ на кого останува во следните четири години да ги разреши сите недоследности во оваа сфера во Кочани. (Б.Б.)