Кочанчани дојдоа во Скопје, власта ни вода не им даде!

„До вас очигледно не допира нашиот глас, туку само тој на бизнис картелите на ВМРО“, рекоа гневните родители и им порачаа на партиите да не се појавуваат во Кочани


„Марш на ангелите“ во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Унесреќените кочанчани денес во Скопје се судрија со рамнодушноста на системот што ги уби нивните деца. Додека стоеја пред институциите никој не дојде од овластените да им изрази сочуство, никој не дојде да им вети нешто, никој не дојде да ги праша како им е – па ни вода да им даде.

Пратениците што не одржаа ни комеморативна седница и што не донесоа одлука да донираат помош, останаа  внатре и си држеа седница, додека родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ ги повикуваа да излезат надвор.

Во очај тие ги повикаа и генералите од АРМ да ја преземат власта и за шест месеци да организираат експертска влада, а подоцна ги повикаа и пратениците Албанци, бидејќи според нив „се од збор“, наспроти „предавниците, убијците и узурпаторите“ од македонските партии.

Пратеникот Борислав Крмов меѓу родителите на загинатите (Фото: Б. Грданоски)

Беа шокирани и од дочекот на скопјани кои седеа во кафетериите додека поминуваа и не стануваа да им одадат почит и поддршка за загинатите, а во сите, како што забележаа, свиреше музика – иако знаеја дека ќе дојдат. Единствени што дојдоа меѓу нив надвор беа пратениците на Левица Борислав Крмов и Јована Мојсоска, додека родителите извикуваа – Имате ли вие совест, имате ли деца? 

„Мислевме дека имаме држава, а сме немале ни држава, ни Собрание. Ова не се институции туку партиски узурпатори, ботови… Шупа направивте не од дискотеката туку од сите градови“, порача еден од револтираните, па дополни: „До вас очигледно не допира нашиот глас, туку само тој на бизнис картелите на ВМРО“. 

Покрај јавните пораки, дофрлуваа и бројни забелешки, како таа дека за медиумите поважно било да известуваат од погребот на папата, отколку од погребот на нивните загинати, иако како што рекоа, ова беше поголема трагедија од војната во 2001 година.

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ што си даде оставка на функцијата во Кочани праша има ли барем еден пратеник што ќе излезе пред нив. Освен што прашуваа каде се медиумите, именувајќи ги државните и провладините, прашаа и каде се донациите што им ги ветуваа. Најмногу ги болеше, сепак, фактот дека ноќта кога се случи трагедијата биле оставени децата сами себеси да се спасуваат, па многу да загинат спасувајќи други. Додека гневот зборуваше од нив, не избираа зборови со кои ги опишуваа одговорните во државата.

Меѓу гневните кочанчани дојде лидерот на СДСМ, Венко Филипче (Фото: Б. Грданоски)

Пратеникот Борислав Крмов пред да излезе на улица, побара родителите на загинатите од Кочани да бидат пуштени во Собранието, бидејќи сите што мислат дека се чесни и дека се одговорни нема што да се плашат од нив, но барањето беше одбиено. Според спикерот Африм Гаши, не било прифатливо тие да се пуштат внатре додека трае седницата бидејќи тоа требало да биде најавено и организирано и го повика да не манипулира со чувствата на граѓаните. 

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пак, кој во тоа време се бранеше од обвинувањата за пропусти во работата и барањето за интерпелација, порача дека „не бега, не молчи и не се крие“ и дека сѐ што било кажано за него во Собранието било лажно етикетирање. 

„Останувам овде со целата тежина на обврската што ја носам. Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот. Промените се тука, одговорноста се чувствува, правдата е реалност“, тврдеше Тошковски зад дебело затворената врата и под заштита од полиција пред Собранието, иако немаше ни мало навестување дека може да има насилства. 

По таквата рамнодушност кочанчани го прашаа Крмов што да прават,  а тој им рече дека им преостанува само да вршат притисок.

„Граѓанска војна ли да правиме“, прашаа родителите. „Нека нè затворат, што ако нè затворат, ние и така сме веќе утепани. Зошто не излезе премиерот кој платил 400.000 евра да му го мерат рејтингот. Зошто не излезе Тошковски, обвинителот Коцевски…“, додаде еден од нив. 

Меѓу малкуте граѓани кои излегоа на денешниот протест на семејствата на загинатите додека другите пиеја кафе околу, се најдоа и професорите Љубомир Фрчкоски и Оливер Андонов.

„Јас сум тука да се солидаризирам со болката на овие луѓе и да ги поддржам во барањето правда. Тоа е суштински. А дали ќе успее обвинителството тоа да го истера зависи од тоа дали ќе има храброст да ги именува главните виновници за тој фатален пожар. Во овој момент тие остануваат надвор од досегот на правдата“, рече Фрчкоски.

„Овде сум пред сѐ да не се повторуваат вакви работи. Да престане функционирањето на несистемското функционирање на структурата во државата, а тоа бара граѓанска свест, почитување на законите, намалување на влијаните на политичките партии и ресетирање на целокупното општество во многу аспекти“, рече Андонов.

Учесниците на протестот неколкупати побараа оставки од сите пратеници, бидејќи како што изјавија „не сакаат да ги плаќаат веќе со илјадници евра“. 

„Срам да ви е! Ги повикувам сите пратеници од опозицијата и власта. Не сакаме да ве плаќаме со стотици милиони евра. Тошковски, ти си најодговорен за ова, ти го лажеше целиот народ дека ќе се справиш со криминалот заедно со партиското јавно обвинителство. Под итно отказ и гитла дома. Нѐ лажеше за криминалите што ги правеле твоите претходници. Кај се тие криминали? Уапси ли некого? Дали се уапсени твоите началници во Кочани и Штип? Отказ! И ти си криминалец. Од која дата ќе почнете со одговорност? Бидејќи инспекциите не биле во ваше време. Сѐ е лажно, узурпатори на нашите институции, одма надвор, отказ! Сите до еден и позиција и опозиција. Не нѐ плашите со полицајци и тие се со нас“, рече еден од родителите.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, прими дел од оние што протестираа во дворот на МВР (Фото: Б. Грданоски)

По сите овие повици од родителите од Кочани и откако пратениците на Левица го скршија мразот, конечно стигна покана од министерот Тошковски. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, информираше дека Тошковски ќе ги прими подоцна на средба во МВР каде што се упатија тие.

Претходно меѓу учесниците на протестот дојде и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со  пратенички од партијата. На Филипче тие му рекоа да им каже на своите, а и на оние од ВМРО-ДПМНЕ, кои останаа внатре во собраниската зграда, дека веќе се непожелни во Кочани. Му рекоа да пренесе дека повеќе не сакаат да видат партии за ниту едни избори во иднина и дека тие ќе си кандидираат човек, луѓе, место нечовек/нелуѓе како досега. Имаше и такви кои им се заблагодарија на Крмов и на Филипче што за разлика од другите, барем се симнаа долу на улица со нив. 

Филипче им се обрати пред родителите кои во рацете ги држеа фотографиите на своите загинати деца и им порача дека се на нивна страна и дека даваат сѐ од себе во борбата за правда.

„Институционално правиме тоа што можеме. Бараме истрагата да не биде селективна и тоа го правиме со сите расположливи инструменти“, им рече Филипче. Тој додаде дека  не сака да ја политизира ситуација и дека ќе бараат институционално решавање на случајот.