Кочан ќе замине во затвор, за судиите нема одговорност
Бизнисменот Сеад Кочан наскоро ќе го прими упатниот акт за издржување на затворската казна од четири години и осум месеци, во меѓувреме избега и се врати, а Судскиот совет уште нема одлучувано за судиите од Врховен суд кои му го укинаа притворот пред две години, на чело со претседателот Јово Вангеловски.
На вчерашната седница беа отворени три постапки за утврдување на одговорност на судии, но за претставки кои ги поднел токму Вангеловски. Иако сегашниот претседател Киро Здравев не ја става на дневен ред одговорноста на својот поранешен шеф, Вангеловски, тој тврди дека не штити ниту еден судија.
„Како претседател немам ингеренции да преземам било какво дејствие од причини што согласно законот за судовите се формирани комисии, кои се надлежни да ја водат расправата. Сите постапки се во тек , се работи по сите постапки, независно дали е Киро Здравев, Јово Вангеловски или било кој судија. Немам намера ниту досега како судија, а уште помалку сега како претседател на Судскиот совет да штитам некој судија од било какви причини. Во прашшање е објективноста и непристрасноста, не само на судиите, туку и на било кои членови и претседателот на Судскиот совет во сите предмети“ , изјави Здравев.
Во текот на целиот мандат претходниот претседател Зоран Караџовски, точката за утврдување на одговорност на Вангеловски и другите четворица судии кои донесоа одлука да го ослободат од притвор бизнисменот Сеад Кочан не ја ставаше на дневен ред.
Во првата изјава пред новинарите, кога Здравев беше избран за претседател вети дека ќе ја преиспита одговорноста на неговиот поранешен претседател и на сите судии за кои има покренато постапки пред судскиот совет, и според првични проценки најверојатно тоа ќе се случи до есен.
Освен овие постапки, Европската комисија во извештајот ги потсети институциите и на посебниот извештај на СЈО, во кој се најдоа имиња на неколку судии кои биле во корелација со минатата власт.За овој случај има постапки во Антикорупциската комисија и Судскиот совет, а Обвинителството отвори истраги и за злоупотреба на АКМИС-системот, но како што пишува во извештајот, конкретни резултати нема.
Кочан е осуден во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Труст“. Последните информации од Апелацискиот суд се дека пресудата е напишана и дека се очекува да биде испратена во Кривичниот суд. (Ф.Ф.С.)