Коце Трајановски: Скопје никогаш не бил повалкан град


Поранешниот градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, по две години од доаѓањето на Петре Шилегов на чело на Градот, молчеше, а денеска проговори затоа што сметал дека на секој човек кој што доаѓа на нова функција треба да му се даде време да се види како ја извршува функцијата и кои се приоритетите во работата, колку е посветен на работењето и колку завршил од ветеното.
– Скопје после пола мандат на Шилегов е град во кој хигиената е на многу ниско ниво, отпадот е расфрлан околу контејнерите, и на мали депонии, гледаме голема негрижа кон зеленилото, воздухот магично не се исчисти како што ветуваа, а градежните проекти на градот скоро и да ги нема, но да тргнеме едно по едно. Градоначалник е комунална функција и со изборот граѓаните на градоначалникот му ја дале градската метла и лопата. А, за висока политика нема место -вели Трајановски.

Смета дека хигиената ја коментираат самите граѓани и оценуваат дека Скопје никогаш не бил повалкан, а мислењето го дели и тоја иако, како што вели,  вработија околу 200 нови луѓе.
– Центарот на градот е како 2 години никој да не пипнал ништо, од генералното чистење па се до уличните кучиња никој повеќе не ги третира. За кучињата според мои информации градот Скопје и КХС плаќаат големи суми пари на граѓаните каснати од кучиња. Се формираше и ново ЈП „Лајка“ кое освен за вработување на партиски и шарени послушници не видовме дека воопшто работи нешто. Програмата „Залови – стерилизирај и врати“ веројатно и не постои. Требаше веднаш да се прошири, модернизира и доопреми „Вардариште“. А, НВО не може да биде решение за вака крупна работа за градот Скопје – коментира Трајановски.
Смета дека и зеленилото е оставено само на себе, воздухот не се исчисти магично, велосипедските патеки веќе две години не се градат, со исклучок на неколку конекторски патеки.
-Кога заминав од позицијата градоначалник оставив проектна документација за повеќе од 10 градежни проекти, кои дел беа во фаза на проектирање, а дел беа комплетно готови. Како готови би ги споменал булевар „Босна и Херцеговина“ и булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, има и други -вели тој.
Потсетува дека од големите градежни ветувања како голем ринг околу Скопје со булеварите „Црногорска“, „Словенечка“, „Хрватска“ нема ни трага ни глас.