Ко-основачот на „Адобе“, Џон Ворнок, кој помогна да се измисли ПДФ-от, почина на 82 години


 

Џон Ворнок, ко-основачот на „Адобе“( Adobe), почина на 82-годишна возраст, објави во неделата софтверската компанија.

Ворнок помогна во основањето на револуционерната компанија во 1982 година со покојниот Чарлс Гешке, и го трансформираше „Адобе“ во софтверска централа која стана столбот на интернетот.

„Сјајот на Џон и технолошките иновации го променија светот“, рече извршниот директор на „Адобе“, Шантану Нарајен во писмото испратено до вработените. „Тоа е тажен ден за заедницата на „Адобе“и индустријата за која тој беше инспирација со децении“.

Ворнок и Гешке беа заслужни за изградбата на PostScript, програмски јазик, кој помогна да се воведе револуцијата за десктоп издаваштво.

Компанијата рече дека „визијата и страста на Ворнок му овозможија на „Адобе“ да испорача револуционерни иновации како што се „Илустратор“ (Illustrator), сеприсутниот формат на ПДФ (PDF)-датотеки и „Акробат“ (Acrobat), „Фотошоп“ (Photoshop) и „Премиер про“ (Premiere Pro), дефинирајќи ја ерата на работната површина и ослободувајќи креативност и можности за милиони луѓе“.

Нарајен го пофали „нескротливиот дух, страста и вербата на Ворнок во изградбата на компанија со силни вредности што влијаеше на сите нас кои ја имавме среќата да работиме во Адобе“.

Ворнок беше извршен директор на „Адобе“ до 2000 година и продолжи како претседател на одборот до 2017 година. До неговата смрт, тој исто така беше член на одборот на директори.

Меѓу неговите достигнувања, тој беше награден со престижниот Национален медал за технологија и иновации од претседателот Барак Обама во 2009 година и наградата Маркони за технолошки придонес во информатичката наука и комуникациите.

Роден во Солт Лејк Сити, Ворнок се стекна со неколку дипломи од Универзитетот во Јута, вклучувајќи докторат по електротехника за компјутерски науки, магистерски студии по математика и диплома по математика и филозофија.

Еден профил од 2013 година вели дека неговиот „советник во средно училиште му рекол дека има нула шанси да биде успешен инженер“ затоа што „немал глава за математика“ и не успеал во деветто одделение во алгебра.

„Имав неверојатен учител во средно училиште, кој во суштина целосно ме сврте“, рече Ворнок. „Тој беше навистина добар во тоа да ве натера да ја засакате математиката, и тогаш се вклучив во неа“.

Причината за смртта не беше откриена. Ворнок ги остави сопругата и трите деца. (Си-Ен-Ен)