Книжевна вечер со Томислав Османли

Во Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Скопје со почеток во 19 часот ќе се одржи книжевна вечер со македонскиот писател Томислав Османли. Вечерта е посветена на српските изданија на изборот драмски текстови „Пат во рајот“ и на романот „Бродот. Конзархија“.
Оваа книжевна вечер е дел од циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, кој Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го почна минатиот месец. Во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.
На настанот ќе се вклучи и Сашо Огненовски, кој го преведе романот „Бродот. Конзархија“ од македонски на српски јазик, а уредник и рецензент на изданието е писателот Ненад Шапоња.
Книгата „Пат за рајот“ ги вклучува драмите „Пат за Парамарибо“, „Двајца во Еден“ и „Апокалиптична комедија“ и преводот од македонски го направи српскиот писател и преведувач Александар Турунџиќ и во „Спона“ ќе се разговара и за овие драми.
Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Османли во кој со прашања ќе може да се вклучат и присутните. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.