Книжевна вечер со Капка Касабова

Книжевна средба со Капка Касабова ќе се одржи вечер во кафе-книжарницата „Буква“. Низ разговор со авторката, творештвото на Касабова, со фокус на двете книги преведени на македонски јазик, „Кон езерото“ и „Граница“, ќе го претстават Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски, а за преведувачките предизвици на нејзините дела ќе зборува Бранислав Мирчевски.
Организатор на книжевната вечер е „Или-Или“, издавач на македонските изданија.
– Оваа вечер ќе биде ретка можност за нашите читатели да се запознаат со бугарско-британската авторка чии книги се преведени на многу јазици и за кои Касабова е добитничка на бројни награди и признанија, соопшти издавачот.
„Граница“ е документарно-поетски патопис низ балканскиот граничен појас меѓу Бугарија, Турција и Грција – простор обременет со историја, миграции и скриени приказни. Касабова, како што се наведува, се нурнува во митологијата, политиката и судбините на луѓето кои живеат во овие гранични зони, откривајќи еден свет кој е истовремено суров и магичен.
„Кон езерото“, пак, продолжува во сличен дух, но се фокусира на Охридското Езеро и Преспанското Езеро – региони каде се испреплетуваат природата, меморијата и историјата. Книгата е интимно патување на авторката низ земјите и луѓето околу езерата, вклучувајќи и нејзино лично семејно минато.
Капка Касабова со книгите „Еликсир“ и „Анима“ ја заокружи т.н. Балканска тетралогија. Издавачот „Или-Или“ и овие две книги ќе ги објави на македонски јазик.
Капка Касабова е родена во Софија, израснала во Нов Зеланд, а живее во Шкотска. Пишува на англиски јазик и нејзините дела се преведени на повеќе од 20 јазици. Позната е по уникатниот стил кој ги спојува патописот, мемоарот, историјата и поезијата. Добитничка е на бројни меѓународни награди, меѓу кои и Nicolas Bouvier Prize, British Academy Book Prize for Global Cultural Understanding, Highland Book Prize, Saltire Society Scottish Book of the Year, Edward Stanford Dolman Travel Book of the Year.