Книга за македонската литература од академик Ала Шешкен
„Теми за македонската литература ХХ век“ е насловена книгата студии од руската славистка, академик Ала Шешкен, професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Книгата е објавена во едицијата „Книжевни истражувања“ на издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје, во редакција на Веле Смилевски.
Во првиот дел од книгата Ала Шешкен објавува студии за Блаже Конески, за улогата на фолклорот во неговиот уметнички свет, како и за творечките релации на големиот македонски поет со руската литература.
Во посебен оддел авторката се задржува на значењето на книгата „Освојување на реалноста“ од академик Милан Ѓурчинов за проучувањето на почетоците и развојот на македонската литературна критика.
– Најголемиот дел од книгата е посветен на развојните процеси на македонската литература во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели кои оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонаката литература во минатиот век, соопшти „Дијалог“.
Ала Шешкен како славист и компаративист многу години е промотор на македонската литература во Русија. Автор е на над 200 научни трудови. Со своите истражувања таа ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“.
Од 2007 година членува во Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Оваа година таа ја доби наградата „Почесно Рациново признание“.
Повеќе години Шешкен е активна на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Со своите студенти учествува во работните сесии и на годинашниот Семинар.