Клучна година за изградба на регионалните депонии
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа најави дека 2026 година ќе биде клучна за почнување на изградбата на регионалните депонии во Новаци и Русино, проекти што треба трајно да го решат проблемот со дивите депонии и управувањето со отпадот.
– Работиме на подготовка на документација, која очекуваме многу бргу да биде готова и да биде објавен повикот за да се избере економски оператор, кој ќе ја почне изградбата на регионалните депонии во Новаци и во Русино – изјави министерот Хоџа. Тој заедно со заменик-министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи-Шаќири, денеска беше на увид на изведбата на проектите во општината, кои се изведуваат со поддршка на двете ресорни министерства.
Оваа е клучна година за изградбата на регионалните депонии, кои ќе го решат прашањето со дивите депонии и со селекцијата на отпадот.
– Очекуваме 2026 година да биде клучна година кога зборуваме за регионалните депонии. Првата фаза, распределба на опрема за комуналните претпријатија, е во тек, се подготвува документацијата и многу бргу треба да биде објавен јавниот повик за економски оператор, што ќе значи почеток на изградбата на регионалните центри, за југозападниот дел во Новаци, за источниот во Русино – рече Хоџа.
На прашањето што со палењето на депониите, министерот Хоџа рече дека сега тие се грижа на општините, кои треба да соработуваат со институциите.
-Тука сме во тесна соработка со сите институции, вклучувајќи ги и нашето Министерство и општините. Дивите депонии се под ингеренции на општинските власти. Но ние паралелно работиме за подготовка на документацијата, објава на јавниот повик и изградба на регионалните центри за собирање на отпадот, бидејќи со изградбата на регионалните центри за отпад, ќе ставиме крај на дивите депони. Со проектот ќе се знае собирањето и префрлањето на отпадот во еден регионален центар, рече министерот Хоџа.
Според него, во инвестирањето во животната средина и комуналната инфраструктура не се заборавени ниту помалите општини.