Клубот „Ванчо Михајлов“ до ЕУ: Да беше запалена џамија, дали ќе молчевте?
Да беа Бугарите во Македонија навистина 3.500 луѓе, според последниот попис, тешко дека ќе беше запален бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“. Да беше запалена албанска џамија, ќе молчевте ли уште?
Ова се наведува во писмото од Бугарскиот културен центар од Битола во врска со инцидентот од саботата, кога клубот беше опожарен. Писмото е испратено до сите амбасадори на земјите членки на Европската Унија во Македонија.
Во документот се нагласува дека подметнувањето пожар е „нов чин на заплашување“, кој е резултат на „злобната кампања против бугарскиот народ во Северна Македонија“.
„Претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски и министерот Османи до вчера остро тврдеа дека Ванчо Михаилов е хитлеровец, а по истата логика – и ние македонските Бугари. Но, еве – оваа лага доведе до уште еден чин на национална омраза, исто како Кристалната ноќ во ноември 1938 година. Кој е сега фашистот?“, пишува во писмото.
Тие ги повикуваат европските партнери да реагираат на овој срамен чин, кој е директен резултат на субвенционираната кампања на омраза од државата кон бугарскиот народ во РСМ.
„Ова е резултат на замената на нашиот бугарски национален идентитет со југословенската окупација од 1944 година до денес. Подметнувачите на пожари се од круговите кои со децении пишуваат глупости во учебниците, соочувајќи ги нашите деца со сопствениот бугарски народ“, се вели во писмото.
Според неговите автори, да не беше премолченото прифаќање на лажниот попис, денеска немаше да бидеме сведоци на ова безаконие.
„Затоа што да бевме само 3.500, очигледно немаше да се плашат од нас и да не запалат. Денеска се прашуваме дали ќе молчевте да запалеа албанска џамија?“, велат од центарот.
Тие нагласуваат дека членовите на клубот се „меѓу стотиците илјади кои се сеќаваат на нивното вистинско потекло и историја“.
„Ќе останеме верни на волјата на Гоце Делчев, Тодор Александров и Ванчо Михајлов. И нема да се плашиме од пироманите кои ги испраќаат против нас.Ве замолуваме, господине амбасадоре, како претставник на земја од европското семејство, кон која сакаме да се приклучи нашата земја, да го заштитите нашиот бугарски народ во Северна Македонија од омразата што ја диктира Владата и насилството што го предизвикува“, стои во писмото на Бугарскиот културен центар, кој ваќи за гласноговорник на она што не може да го каже Софија и реагира по нарачка, напаѓајќи ја сопствената држава. Бидејќи драматизирањето на провокацијата не го постигна тоа што го сакаа, и бидејќи подметнувачот е пејач а не националист, сега ја обвинуваат Владата дека диктира омраза и поттикнува насилство.
Дека сите организации на Бугарите се мобилизирани да драмат околу потпалената и неизгорена врата, се виде и од реакцијата на Петар Колев од пробугарскиот Граѓанско-демократски сојуз, кој добил дозвола да формира партија додека нашите преставници на малцинстото и покрај 15 пресуди на Стразбур, можат да сонуваат ваква „дискриминација“.
„Инцидентот во Битола не е изолиран случај, а нападите врз бугарските организации, бугарските споменици и бугарската заедница имаат долга историја“, тврди за порталот формиран од служби Колев.
Тој потсети на некои од овие случаи. Првиот, според него, датира од 2000 година кога хулигани пушеле на основачкиот состанок на партијата Радко и никогаш не биле откриени. Друг сличен случај, според него, е тепањето за време на маршот во спомен на Мара Бунева. Тогаш сторителите исто така не биле фатени и не биле казнети. Тој го спомна и доста злоупотребуваниот спор за старателство на Спаска Митрова, чие дете било наводно киднапирано, а таа поминала три месеци во затвор поради расправија со нејзиниот поранешен сопруг. Еден од последните инциденти бил пред неколку месеци, кога биле искршени стаклата од автомобилот на претседателот на Здружението за македонско-бугарско пријателство, Добре Митрев, како и автомобилот на една од основачите на партијата Граѓанско демократска унија, Фросина Китановска.
„Тоа се инциденти кои имаат одредена генеза со текот на времето и се резултат на две работи. Прво, бруталната антибугарска кампања и јазикот на омразата, кој ја индоктринира помладата генерација и целото општество во РС Македонија. Второ, македонските институции досега не открија и казнија ниту еден од овие сторители кои уриваа споменици, напаѓаа клубови и организации на Бугари“, нагласи Колев.
Тој ги коментираше информациите дека е уапсен сторителот на палењето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„Останува да видиме каква казна ќе биде изречена за овој човек. Според чл. 228 ст. 1 од КЗ на РСМ за стореното дело е предвидена казна затвор од 6 месеци до 5 години. Сега прашање е дали ова лице ќе биде обвинето и каква судска одлука ќе му биде изречена“, изјави Петар Колев.
Според него, чудно е што братот на сторителот на овој подметнат пожар, популарниот пејач Ламбе Алабаковски, е вработен во МВР во Битола.
„Исклучително чудни случајности, крајно чудни и засрамувачки информации. Гледате чудна врска. Братот на насилникот е вработен во МВР во градот Битола. Крајно непријатно е популарен пејач да се занимава со палење“, изјави Петар Колев.