Клубот на Македонците во Бугарија ќе биде преместен поради притисоците


 

Откако вчера претседателот на градскиот комитет на ОМО „Илинден“ од Благоевград, Атанас Кирјаков објави дека македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ ќе биде затворен, денеска од ОМО Илинден-Пирин информираа дека станува збор за шпекулации. Копретседателот на партијата, Стојко Стојков за „Локално“ кратко изјави дека Кирјаков е манипулатор и провокатор.

-Тој работи против сите македонски активисти и организации овде и јас немам намера да го коментирам него и неговите лаги и полувистини. Воопшто не знам зошто македонските медиуми го сфаќаат за сериозно, ни рече Стојков.

Од ОМО „Илинден“ – Пирин денеска објавија дека клубот не се затвора, но ќе мора да се премести, затоа што сопствениците беа заплашени неколку пати и не смеат да продолжат со договорот.

-Сите членови на сите организации се канети и примани во клубот. За присуство во клубот и учество во неговите активности или организираните од него свечености од никого ништо не е барано. Бугарските власти вложуваат огромен напор да не дозволат да се отворат македонски клубови или да им се одземат просториите на оние што постојат. Во такви услови ширењето на навреди, дезинформации и полувистини само дополнително ја влошува и без тоа тешката борба на Македонците во Бугарија, велат од ОМО „Илинден“ – Пирин.

Апелираат кон медиумите за повеќе професионализам и до сите Македонци да не веруваат на непроверени негативни информации.

Kлубот беше отворен на 30 октомври минатата година, со засилено полициско обезбедување, а на македонската делегација не и беше дозволено да положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев на градскиот плоштад. Пред два месеци клубот беше демолиран, при што беа искршени стаклата. За среќа, во клубот во тој момент немало никој.