Клиничкиот центар од 2024 година без економски директори
Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека од јануари 2024 Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе функционира со еден генерален директор, а позициите за економски директор ќе бидат укинати.
– Ова е проблем што лично многу ме мачи и од почетокот на мандатот оваа информација ми е подготвена, напорно работам на овој проблем кој е горлив и сакам да го решам. На Клинички еднаш засекогаш мора да се постават работите како што треба и да функционира сѐ како што треба. Информацијата е готова и од 1 јануари 2024 ќе има еден клинички центар со еден генерален директор. Економските директори, кои се всушност организациски директори едвај чекам да се укинат како позиции. А не да има ситуација како Заедничките служби на Клинички да не знаат што работат и да се во загуба 20 милиони евра. Со еден директор на Клинички ќе биде друго, рече доктор Меџити.
Тој додаде дека „не открива топла вода“ зашто еден директор имало и пред 20 години и Клинички центар функционирал одлично.
-Ќе го вратиме тоа, зашто е добра работа. Ако имам политички притисоци, тогаш тоа не ме интересира. Нашиот пат е Европската Унија и со скрининзите за ЕУ се бара ова од нас. Мора да се направи еднаш засекогаш здравството да функционира, додаде министерот.
Дополнително, Меџити најави дека ќе се врати старата пракса, матични лекари да препишуваат рецепти за лекови.
Пациенти кои поради правилото да се земе лек препишан од специјалист или конзилиум трошат цел ден, губат работа, плаќаат превоз за да дојдат од Струга или Кочани во Скопје. Сето тоа поради одредбата само со потпис од специјалист да се издаваат одредени лекови .
Ова, како што најави министерот за здравство Фатмир Меџити, повеќе ќе го нема. Терапијата во иднина ќе ја препишуваат матичните лекари како што беше порано. Меџити најави дисперзирање на услугите, но и дисперзирање на специјалистите, додека студентите по медицина во шеста година ќе добијат вработување во местата од каде доаѓаат, со цел да се спречи натамошниот одлив на лекари во странство.