Климатските промени ја направија Албанија „рајска градина“ за егзотично овошје

Маракуја, гуава, питаја или кивано – климатските промени ги охрабрија албанските земјоделци да почнат да одгледуваат егзотично овошје што планираат да го продадат или веќе го продаваат на европскиот пазар.
Малата фарма на искусниот агроном Иракли Шкоза, сместена недалеку од морето во централна Албанија, е еден вид рајска градина што цвета на јадранското сонце.
Со оглед на температурите на воздухот што се зголемуваат секоја година, Шкоза во 2019 година ја смисли идејата за диверзификација – проширување на својата економска активност на поголем број производи или услуги, проширување на асортиманот и продажбата на производи, во време кога другите негови врсници одамна би се пензионирале.
Смелиот 75-годишник прво донел семе од егзотични растенија од Африка и Америка и ги засадил на својата парцела од два хектари. Многу брзо, сите растенија добро се прилагодиле на топлата локална клима. Треба да се напомене дека регионот Дивјака, сместен помеѓу нежно брановидно обработливо земјиште и морето, некогаш бил житница на Албанија, а земјоделците таму сега одгледуваат зеленчук и лубеници за локалниот пазар и за извоз.
Планета што се загрева
Но, растечките температури и недостигот на работници, исто така, го зедоа својот данок врз фармите. Малата балканска нација од 2,7 милиони жители изгуби 400.000 работоспособни луѓе за само десет години.
Шкоза истакнува дека „егзотичните овошја бараат помалку вода и помалку одржување, што ги намалува трошоците за производство“.
Типично медитеранската клима на Албанија, која се карактеризира со топли, суви лета и благи зими, исто така се променила поради глобалното затоплување.
До крајот на векот, се предвидува дека просечните температури во Западен Балкан ќе се зголемат за помеѓу 3,5 и 8,8 степени Целзиусови, а податоците се базираат на студија од 2022 година – под претпоставка дека ќе продолжат умерените до високи емисии на стакленички гасови.
Топлотните бранови „веројатно ќе ги оштетат приносите на земјоделските култури, особено во Албанија, каде што просечните летни температури се највисоки“, велат истражувачите Даниел Милер и Макс Хофман од Институтот Лајбниц за развој на земјоделството во економиите во транзиција. Во 2020 година, земјоделството, шумарството и рибарството учествуваа со 19 проценти во бруто домашниот производ на Албанија.
Искористување на промените
Но, климатските промени не мора да бидат целосна катастрофа ако се прилагодиме и ги искористиме, оптимист е Шкоза.
Албанските земјоделци треба да почнат да произведуваат многу повеќе егзотично овошје за да ја искористат својата поволна клима, верува виталниот агроном. „Ова овошје е многу барано на европскиот пазар, но сите знаеме дека доаѓа од далеку – од Латинска Америка, Југоисточна Азија, Нов Зеланд или Австралија, а транспортот до европските земји има своја финансиска цена, но и друга што треба да се плати, а тоа е свежината на производот.“
Доколку гореспоменатото овошје пристигнеше од Албанија, тоа не само што ќе беше поевтино, туку и посвежо, нагласува агрономот Алтин Хила.
Папаите што се нудат на европските пазари на други континенти се берат додека се уште зелени, а потоа пристигнуваат во Европа каде што вештачки зреат, додава Васил Николовски, менаџер за производство од Северна Македонија, кој работи во Дивјака веќе неколку години. Тој вели дека сите наведени овошја „можат да зреат на дрвја тука. Албанија има доволен капацитет да ги задоволи барањата на европскиот пазар, а со извоз на егзотично овошје, би можела да постигне промет од 100 до 200 милиони евра годишно.“
Обилна жетва
Шкоза веќе извезува папаја, маракуја и пепино овошје од Латинска Америка на европските пазари. Со други земјоделци од регионот Дивјака, тој неодамна испрати 30 тони кивано на хрватскиот пазар. „Се чини дека и овогодинешната жетва ќе биде богата“, рече тој, гледајќи ги пупките на цветовите кивано.
Земјоделецот Лулзим Булари го следеше примерот на Шкоза и почна да одгледува киви 55 км западно, во близина на Елбасан. „Не треба да се жалиме на високите температури бидејќи производството на киви во последните две години беше вистински благослов за нас“, изјави тој за АФП, додавајќи дека го одгледува овошјето речиси исклучиво за извоз во Швајцарија и Холандија.
Булари неодамна почна да одгледува смокви од Северна Африка, кои се многу отпорни на благи зими, на околу 15 хектари. „Среќата ги следи храбрите и мора да трчате за да ги фатите“, заклучи тој.