Климатски активисти го прекинаа речиси еден час полуфиналето на УС Опен


Полуфиналето на УС Опен во женска конкуренција меѓу Американката Коко Гоф и Чехинката Каролина Мухова го одбележа скандал – група демонстранти предизвикаа 50-минутен прекин.

Сето тоа се случи на почетокот на вториот сет. Демонстрантите почнаа да создаваат хаос и да викаат од трибините, па тенисерите не можеа да го продолжат натпреварот.

Тие извикуваа слогани против употребата на фосилни горива, а еден од нив се залепи за столчето и им требаше долго време на редарите да го одлепат и да го тргнат од трибините.

Впечаток е дека обезбедувањето целосно потфрли во таа ситуација, па дури по речиси еден час имаше услови за продолжување на дуелот.

Гоф на крајот задржа поголема концентрација и славеше со 6:4, 7:5 за прв пласман во финалето на Грен слем во кариерата.

Таму ќе игра против Белорусинката Арина Сабаленка која со 6:0, 7:6(1) ја совлада Американката Медисон Кис.
Финалето е закажано за сабота во 22 часот по наше време.