Кличко спомна нешто претходно незамисливо – давање територии на Русија
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, гласно размислуваше за можноста за територијален компромис за ставање крај на војната. Тоа изненади многумина. Што сака да постигне и што мислат граѓаните на Украина за отстапки кон Русија?
Во последните недели повторно интензивно се разговара за можноста за прекин на руската инвазија на Украина на преговарачка маса. Примери се таканаречената „мировна мисија“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која тој сам ја иницираше, како и изјавата на американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп дека „ќе ја заврши војната во рок од 24 часа“, пишува ДВ.
Во врска со мировниот план, поранешниот британски премиер Борис Џонсон ја спомена територијалната реалност пред февруари 2022 година, кога започна руската инвазија. Во тоа време, Крим веќе беше припоен, а делови од Луганск и Доњецк беа окупирани.
Кличко изненади
Но, вистинското изненадување го приреди градоначалникот на Киев Виталиј Кличко, зборувајќи за можноста за територијален компромис. Украинските функционери до сега главно избегнуваа вакви формулации. Официјален Киев инсистира на границите од 1991 година.
„Дали претседателот на Украина ќе ја продолжи војната со дополнителни жртви и уништувања или ќе треба да размисли за можен територијален компромис со Путин? Ако е така, каков ќе биде притисокот од САД во случај на победа на Трамп? Како ќе објасни на сопственото население дека мора да се откаже од делови од територијата за какви животи дале илјадници наши херои?“ – праша Кличко во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Тој рече дека во тој случај претседателот Володимир Зеленски веројатно ќе мора да организира референдум за територијални компромиси. Дали овие изјави значат дека Украина се отвора за дипломатски решенија? И дали е тоа воопшто прифатливо за луѓето во земјата и за западните партнери?
Политичка пресметка во Киев?
Кличко во минатото не се двоумеше жестоко да го критикува Зеленски. Сепак, многумина не се сеќаваат дека тензиите меѓу двајцата настанаа кога украинскиот лидер го обвини градоначалникот на Киев и другите лидери на главниот град на Украина за невнимание, по извештаите на очевидците дека цивилите загинале затоа што засолништето не било отворено навреме.
Ова се случи на почетокот на јуни минатата година, кога три лица, меѓу кои деветгодишно девојче и нејзината мајка, беа убиени од паѓање на остатоци од проектил додека чекале да влезат во засолниште.
„Должност на локалните власти е да се погрижат засолништата да бидат достапни 24 часа на ден. Болно е да се види невнимание. Болно е да се видат жртви“, рече Зеленски во таа прилика. Кличко веројатно не ги заборави тие јавни критики, па во интервјуа за странски медиуми отворено зборуваше за тоа што не му се допаѓа на Зеленски.

Така, во интервју за швајцарскиот дневен весник 20 Минутен, тој праша зошто Зеленски до последен момент негираше дека ќе има руска инвазија.
„Зеленски сега плаќа за грешките што ги направи. Претседателот денес има важна функција и ние мора да го поддржуваме до крајот на војната, но кога ќе заврши војната, секој политичар ќе треба да одговара за своите успеси и грешки“, изјави Кличко за швајцарските новинари.
Потоа, во интервју за канадскиот весник The Globe and Mail, тој зборуваше за она што го гледа како оддалечување на Украина од демократските принципи за кои треба да се бори. Тој објасни дека во негови очи Украина оди во погрешна насока, станува се поавтократска. Во февруари годинава, во интервју за германски АРД, Кличко се пожали дека немал ниту една средба со претседателот Зеленски од почетокот на војната и покрај тоа што многу пати се обидел да разговара со него по телефон.

