Директор на Фонд за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски на неговиот Фејсбук профил објави дека денеска се згрижени над 140 настрадани.
– Во странство се прифатени 44 повредени и тоа Србија 17, Бугарија 14, Турција 9 и Грција 4. Пристигнатите во странство се стабилни. Ноќеска и рано наутро ќе заминат 8 повредени, за Хрватска 4 и за Романија 4. Има можности за лекување во Словенија и Унгарија по 4 лица и Австрија 6 лица, напиша Клековски на Фејсбук.
Тој информира дека од раните утрински часови во Клинички центар функционира Кризниот штаб на Министерството за здравство, во координација со МВР и МНР.
– Состојбата на сите пациенти се набљудува и конзилијарно се одлучува за понатамошните постапка. Вечерва пристигна еден тим од ВМА Белград, а во очекување сме на тимови од Чешка, Израел и Белгија. Сите повредени се згрижени најдобро што можеме, објави Клековски.
Министерството за здравство исто така информираше дека состојбата на сите пациенти се следи внимателно, при што се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошните медицински постапки.Во текот на денешниот ден се згрижени над 140 пациенти, распределени во здравствените установи низ земјата:
• Клинички центар – 20 пациенти
• ГОБ „8 Септември“ – 20 пациенти
• Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 21 пациент
• Клиничка болница Штип – 20 пациенти
• Општа болница Кочани – 7 пациенти
• Клиника за токсикологија – 2 пациенти
Покрај медицинската грижа во земјата, дел од пациентите се префрлени во здравствени установи во странство, како резултат на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји:
• Република Турција: 3 пациенти пристигнаа во Истанбул, а дополнителни 6 пациенти се очекува да пристигнат во Анкара до полноќ.
• Република Бугарија: 14 пациенти се хоспитализирани.
• Република Грција: 4 пациенти се згрижени.
• Република Србија: 5 пациенти се веќе хоспитализирани, а дополнителни 12 пациенти со воен авион се на пат кон Белград.
• Република Хрватска и Романија: Се очекува во тек на утрешниот ден да бидат испратени по 4 пациенти во секоја од овие земји.
• Република Словенија, Унгарија и Австрија: Во текот на утрешниот ден се очекува овие земји да испратат медицински авиони за транспорт на пациенти.
Сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега.Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата пристигна медицински тим од ВМА Белград, а се очекуваат и медицински тимови од Чешка, Израел и Белгија, кои ќе се приклучат на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа.
За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. Д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648.