Ќосето ќе му прави „друштво“ на славниот генерал Михајло Апостолски

Егзекуторот на историското ВМРО преку споменик пак се враќа во Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска го враќа спомен обележјето на Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето. Додека екипите на „Улици и патишта“ го подготвуваат теренот за враќањето на споменикот на контроверзната личност, која има убиено стотина души по нарачка или самоволно, главниот град е пропаднат во проблеми за кои Арсовска нема решение.
Таблата за враќање на Ќосето е поставена на кружниот тек кај „Ист гејт мол“. Македонска иронија е што Ќосето ќе биде поставен во непосредна близина на споменикот на главниот командант на македонската армија во Втората светска војна, генерал Михајло Апостолски. Тоа е понижување на славниот генерал и неговата улога во ослободувањето на Македонија.
А враќањето на Ќосето нема спротивставување од сега главните противници на Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, со нивна помош Арсовска ја реализира оваа нејзина идеја.
Арсовска ја спроведуваат одлуката изгласана од Советот на три дена пред Нова година. Тогаш, со 23 гласови „за“, 3 „против“ и 7 „воздржани“ Советот на Град Скопје ја изгласа иницијативата за враќање на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој пред пет години беше отстранет од пред комплексот судови.
Споменикот беше отстранет во февруари 2018 година, на почетокот од мандатот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов со образложение дека се работи за дивоградба.