Ќе „врти“ ли балансерот во интерес на бугарските пасоши во Македонија?
Институтот за демократија Социетас цивилис смета дека не може да се смени преговарачката рамка за Македонија со ЕУ и дека тоа е завршена работа
Институтот за демократија Социетас цивилис не гледа основа во ветувањата дека може да се смени преговарачката рамка за Македонија со ЕУ и смета дека тоа е завршена работа, така што нашиот избор сега е – да се имплементира или не.
„Преговарачката рамка е утврдена и во неа не може да се смени ниту запирка.Таа е веќе правен документ на ЕУ“, порача денес Зоран Нечев.
Поради тоа, на брифинг со новинарите, тој и Марко Трошановски укажаа на слабостите и ризиците од имплементацијата на она што е веќе договорено, за да не се случи Македонија да ги исполни условите и пак да ѝ остави простор на Бугарија да нѐ блокира или да го злоупотребува процесот. За да не се случи тоа, тие предлагаат да се отвори поширока дебата за преземените обврски, да се развијат процедури за нив и сите донесени позиции околу овие прашања натаму да се засноваат на општествен консензус, а не на пример со секое менување на власта – да се менува и главниот преговарач со ЕУ.
Условите од Протоколот потпишан со Бугарија и според меѓувладините конференции не се дел од преговорите, но се дел од преговарачкиот процес, сметаат тие, заклучувајќи дека затоа вметнувањето на Бугарите во Уставот не е единствениот услов за членство, поради што е потребен системски пристап во нивното исполнување, а не да се носат одлуки во пет до дванаесет. Според нив, во Протоколот има елементи што се нејасни, а прашање е дали имаме и капацитет да одговориме на барањата што ќе произлезат од договорите со Бугарија, па и со Грција.
Со оглед на тоа дека тргна процесот на уставни измени и се пишуваат амандманите за вметнување на Бугарите, според Трошаноски, важно е да се утврди од каде произлегува пропорционалната застапеност на припадниците на етничките заедници кај нас, бидејќи балансерот сега „врти“ според податоците и за нерезидентното население, а тоа не е меѓународен стандард. Дилемата е дали балансерот ќе „врти“ според официјалните податоци за пријавени Бугари на последниот попис во Македонија (над 3.000) или пак ќе се остави простор, заради интересот на албанските партии, официјална Софија да нѐ притиска со стоте илјади издадени пасоши на државјани во Македонија што се декларирале формално како Бугари.
„Јасно е дека правичната застапеност кај нас почива на резултатите од пописот и на резидентното население, но тоа експлицитно никаде не е споменато. Тоа ќе биде можна точка на спор со Бугарија и балансерот ‘ќе врти’ за нив“, смета Трошановски, нагласувајќи дека тоа е флагрантна злоупотреба од политиката на статистиката, што сега се премолчува. Затоа, смета тој, ова прашање мора итно да се прецизира за да не се злоупотребува и од Бугарија.
Нечев смета, исто така, дека бугарската историска комисија е позаштитена од нашата и уште повеќе, кај нас е претворена во „монета за поткусурување“, бидејќи владата се крие зад нејзината работа, а според договореното таа решава дали некои препораки за историските настани или личности ќе се најдат во учебниците или не. Дилема, според него, е дали има автоматизам меѓу препораките што ги носи историската комисија и нивното официјализирање, дали Владата мора да ги прифати во целост или само делови од препораките и како тука ќе се слушне гласот на другите засегнати страни, бидејќи обврската е преземена од државата, а не само од Владата. Според него, треба да се избегне ситуација Заедничката историска комисија да биде единствената институционализирана инстанца на која ќе се прекршуваат сите копја поврзани со историјата.
Според нивната анализа, и динамиката од осум до десет состаноци годишно на историската комисија е во спротивност со нашите интереси, бидејќи е прашање дали ние имаме капацитет да ги следиме бугарските институции. Од Социетас цивилис бараат, исто така, да се прецизира што е тоа „недобронамерна пропаганда“ што треба да ја превенира владата, особено имајќи ги предвид злоупотребите што ги прави Бугарија со случајот на Пендиков, кога и покрај сите преземени мерки од наша стерана (осуда на настанот, судски процес, посетата на МНР…) Софија нѐ обвинува за непочитување на Договорот за пријателство и добрососедство.
Околу размената на учебници и на образовни програни, од оваа невладина организација бараат да се утврди точниот обем, формат и деталната листа, бидејќи и без тоа постои асиметрија во процесот. Околу говорот на омраза, пак, се бара нашите институции да отпочнат комуникација со Европската агенција за основни права за да се користи нејзината експертиза и стандарди во справувањето со говорот на омразата без да се наруши слободата на мислата и на говор и без да и се остави простор на Бугарија да го злоупотреби ова прашање во преговорите.