“Ќе видите, јас ќе излезам најнормален од сите овие …”: Интервју со Игор Џамбазов
Има луѓе што имаат кариера. Има луѓе што имаат хитови, улоги, награди, тв емисии, концерти и книги. А има и луѓе, што без оглед на тоа што работат во моментот, стануваат дел од колективната меморија.
Игор Џамбазов е од оваа третата категорија. Актер, музичар, текстописец, водител, автор, шоумен и хроничар на едно време, син на легендарниот композитор и диригент Александар Џамбазов и истакнатата актерка Анче Џамбазова, внук на легендата на македонското глумиште, Петре Прличко.
Човек кој со децении успева да биде истовремено и славна личност и „човек од маало“. Некој што може да наполни сцена, и гледачи пред малите екрани, но и да седне на маса и да зборува како да се познавате 20 години.
Годинава повторно беше во центарот на една голема национална сцена. Како водител и еден од препознатливите ликови на „Силно светнал ден“, проект по повод 35 години независност. Џамбазов повторно беше таму каде што најмногу прилега – пред публика, меѓу уметници и во приказна за Македонија.На сцената се најдоа над 100 уметници, а проектот патуваше низ македонските градови.
Но, зад спектаклот, останува едно многу поинтересно прашање: Што се случува со човек кој повеќе од три децении живее пред очите на јавноста? И дали после сите улоги, песни, скандали, љубови, падови, враќања и аплаузи – конечно знае кој е?
Џамбазов во интервју за „Независен“ на „ти“ се ни откри. А фотографот Стефан Рајхл го оживеа како лик од стрип.

Кога стоеше на сцената за 35 години независност и гледаше пред себе илјадници луѓе- што прво ти помина низ глава?
Колку малку му треба на овој народ да биде среќен. И колку многу се радува кога е обединет.
Ако би морал со три слики да ги опишеш овие 35 години независност, кои би биле тие?
Еуфорија
Разочарување
Исчекување
Ти си човек што практично ја живееше независна Македонија пред камерите. Што мислиш дека најмногу се смени кај нас – а што, за жал, остана исто?
Во меѓувреме се смени и светот, па и ние заедно со него. Се смени кодот на животот. Криминалците станаа бизнисмени, бизнисмените политичари, и така во круг. Тоа што остана исто е менталитетот. Лошите навики, комплекси на пониска вредност, самоубиствениот нагон што го имаме во генот…
Кога велиш Македонија, што е првото нешто што ти доаѓа на ум: земјата, луѓето, јазикот, музиката, детството, Дојран, Скопје?
Сето тоа заедно, и плус…сонцето, храната, жените, дедо ми, инаетот…
Која е најголемата лага што Македонија си ја кажува сама на себе?
Одговорот на прашањето лежи во една реплика што ја кажував токму на прославата на 35 годишнината. “Многу ме боли кога ќе чујам дека оваа земја нема иднина” .
А која е најголемата вистина која не сакаме да ја признаеме?
Дека сме талентиран народ кој може да постигне многу но нема самодоверба. Премногу трауми од минатото од кои никако да се ослободиме.
Дали ти тежат годините, улогите или карактерот?
Хахахаха…ми тежи од се по малце. Годините ги заборавам, театарот го обожувам, а карактерот и да сакам не можам да го променам. А не сакам. Тој си е само мој.
Кога за прв пат сфати дека можеш да бидеш шоумен?
Некаде на крајот на осумдесетите години од минатиот век, кога ревијата “Екран” ја организираше манифестацијата “Артист на годината”. Бев домаќин на истата повеќе години со ред и таму им посветував пригодни сонгови на наградените актери кои на публиката, а особено на колегите, им се допаднаа од прва.
Дали шоуменот се учи или се раѓа?
Шоуменот прво треба да се роди, а потоа да почне да учи…хехехехе…што знам, сето тоа излезе некако природно и спонтано. Изгледа го имам тоа во генот, оти не заборавајте дека дедо ми Петре го правел тоа истото во својата младост, со својот патувачки театар, и бил ептен успешен во тоа.
Те нервира ли кога ќе ти кажат легенда или најголем шоумен на сите времиња?
Тој епитет го добивам скоро секојдневно. На улица, во продавница, во бекстејџот. Порано ми пречеше, кога бев помлад, сега повеќе не. Повеќе ми пречи кога ме викаат “маестро”. А јас на сите им одговарам дека маестро беше татко ми Џамбаз, а јас сум маестро од Али експрес.
Колку е тешко да живееш со сопствената легенда?
Преубаво е, особено ако си живееш во Дојран, хехехехе…
Што има еден добар шоумен, што нема еден добар актер?
Слобода во одлучувањето. Сам го смислуваш настапот, го пишуваш, го учиш, и се’ зависи од тебе. Како актер во театарот или на филмот одлучуваат режисерот и неговиот концепт, тука се и партнерите на сцената…
Дали некогаш си се обидел да бидеш нормален? И што се случи?
Се уште се обидувам…хахахаха…најискрено, кога ќе го споредам она што го правев во младоста и што го напишав во моите книги, со ова што денес го прават “нормалните”, она моето е како игротека. На моите најблиски многу често им кажувам: “Ќе видиш, јас ќе излезам најнормален од сите овие …”
Која улога најмногу те промени како човек?
Се разбира, Трајче од “Волшебното самарче”. Имав само 12 години, ама иако толку млад, цврсто одлучив дека ќе бидам актер, и ништо друго освен тоа.

Која песна најмногу те опишува тебе?
Тоа е песната што ја отпеав на “Златна Буба Мара на популарноста” онаа година кога ми ја доделија наградата за животно дело. Направив препев на големиот хит на Френк Синатра “My way”, кој во мојата верзија се вика “Бар уште еднаш”.
Да ни откриеш една тајна: Колку проценти од твојот настап е импровизација, а колку подготовка?
Зависи од околностите. Во театарот се’ што се случува на сцената однапред се договара и се пробува со недели и месеци. Импровизаците се многу ретки, но кога веќе ги правиме се трудиме да бидат издржани и оправдани. Јас во принцип не ги сакам театарските импровизации, повеќе ги љубам оние на естрадата, особено оние на моите концерти со бендот.
Кога најмногу си се плашел дека приказната со Игор Џамбазов завршува?
Имаше и такви моменти. Ги има и во моите книги. Но сепак, дури и тогаш, секогаш бев оптимист. И во најтешкото. И тогаш кога мислев дека нема решение за она што сам си го приредив во младоста, потајно како да знаев дека еден ден се ќе биде во ред. И верував во своите квалитети и талент…
Што е потешко, да станеш славен или да останеш релевантен?
Славен се станува преку ноќ, особено во денешно време каде што социјалните мрежи го диктираат трендот. Славен денес се станува и со еден успешен “Reel” на Инстаграм. Релевантен се станува бавно, и многу тешко. Треба време и време за луѓето да почнат да му веруваат на она што го кажуваш, па да те почитуваат, посочуваат и цитираат…
Дали постои осаменост што доаѓа со популарноста?
Тоа ние самите си го бираме. Покојната Неда Арнериќ има кажано: “Кога ќе си дојдеш дома, и ќе седнеш сам во својата фотелја, со чаша вино во раката, што е тоа? Осаменост или слобода? Тоа ние самите го одлучуваме”. Јас сум сам, но никако не сум осамен. Опкружен сум со луѓе што самиот си ги одбрав. И за среќа, ретко грешам во проценките.
Кога човек како тебе кажува „пензија“, дали тоа воопшто некој ти верува?
Ни јас самиот не си верувам, хахахаха…да, за неколку месеци одам во пензија. Театарска пензија. Се друго си продолжува понатаму. И музиката, и телевизијата, и пишувањето…со сигурност ќе бидам еден од најактивните пензионери во државата ..
Има ли уште нешто што мораш да го направиш пред да кажеш: „Е, сега доста“?
Има. Дворот на новата куќа во Дојран…
Си простил ли самиот на себе?
Си простив. Многу одамна. Јас бев грешен само кон себе, и затоа имам право на тоа сам да си простам. И спијам мирно како бебенце..
И последно: ако целиот твој живот досега е една голема претстава- како би се викал последниот чин?
Пензионирање. Хахахаха. Токму така и ќе се вика турнејата со бендот следната 2027 година, која ќе се круниса со голем концерт во Скопје на крајот на ноември…