Ќе успее ли дипломатијата да ги приближи Скопје и Софија – Заев наскоро на средба со Борисов
Премиерот Зоран Заев на 11 ноември во Софија треба да се сретне со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, во рамки на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020. Дотогаш, според најавите на македонскиот државен врв, се интензивира комуникацијата меѓу двете држави на сите нивоа во духот на Договорот за соработка и добрососедство, со цел надминување на разликите во очекување на усвојување на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.
Земјава прави дипломатски напори да се најде излез од ситуацијата, по објавувањето на бугарскиот појаснувачки меморандум до земјите-членки на ЕУ, со кој меѓудругото се негираат македонскиот јазик и македонската нација и вложува во зајакнување на билатералната комуникација со Софија, истовремено потенцирајќи дека за темите кои произлегуваат од Договорот со Бугарија има јасна волја да се решаваат преку работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија.
Владата, вчера категорично ја отфрли како невистина шпекулацијата на пратеникот Антонио Милошоски за наводни предлози за дефиниција за идентитетската припадност на Гоце Делчев на кои би требало да се согласат премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
-Таков предлог не постои, ниту бил предмет на дискусија, а изнесеното тврдење на пратеникот Милошоски е груба шпекулација и само нанесува штета на процесот што го води заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, нагласува Владата во одговор на прашањето на МИА да даде коментар за тврдењата кои Милошоски.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, кој се повикува на дипломатски извори од МНР, последниот предлог на официјална Софија е дека премиерите Заев и Борисов за време на предвидената средба на 11 ноември во Бугарија би требало да се согласат дека „Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла на зборот, но во смисла на народно-етничката припадност е Бугарин роден во географската област Македонија”.
Милошоски смета дека ова веројатни е една од причините зошто, како што напиша на својот Фејсбук профил „Заев одбива и собраниска и политичка-лидерска дебата околу националните позиции на Македонија во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија, пред закажаната посета на Софија“.
А Заев викендов во однос на повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерска за недоразбирањата со Бугарија, напомена дека не гледа потреба од таква средба.
– Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да и наштети на државата, особено на процесите кои не водат кон ЕУ, изјави Заев.
Македонските и бугарските историчари минатата недела во Скопје по пауза од речиси една година повторно седнаа на маса, два дена разговора, а според изјавите на копретседателите на Комисијата по состанокот Драги Ѓоргиев и Ангел Димиров постигнат е мал напредок, но не и во однос на Гоце Делчев. По, средбата беше посочено дека има некои предлози и идеи, но тие побараа трпение со што помалку емоции и тензии, со најава за нова средба во Софија до крајот на годинава.
На средбата не станало збор за појаснувачкиот меморандумот што Бугарија го достави до земјите-членки на ЕУ, ниту за македонскиот јазик и идентитет, кои се оспоруваат со овој документ.
Македонскиот јазик е ноторен факт одамна потврден од светската лингвистичка наука, потсети вчера претседателот на државата Стево Пендаровски, во своето обраќање на Отворените денови на Институтот „Крсте Мисирков“.
– Иако поминаа седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење во меѓувреме беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата засебност, постоење. Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни и светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени, најчесто политички и политичко-академски кругови од нашето непосредно окружување, истакна претседателот Пендаровски.
Без намера, како што рече, да ја оптоварува свеченоста со дневно-политичка реторика, нагласи дека научните аргументи и вистината се на наша страна и ги повика професорите и лингвистите да продолжат со својата научна работа и напори за проучување и афирмирање на македонскиот јазик.
Според директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска, македонскиот јазик е реалност и таа тема е за нас завршена.
– Македонскиот јазик е реалност, уставна категорија и тука нема дискусија. Нема потреба да си го губиме нашето време и нашата енергија како научници да објаснуваме нешто што светската лингвистика веќе го прифатила. Македонскиот јазик е признат во сите славистички и во сите лингвистички центри во светот и се проучува на многу универзитети во светот, изјави Јованова-Грујовска.
Посочи дека годинава одбележуваме 75 години од кодификацијата на современиот македонски јазик што е поврзано со создавањето на државата, тој има своја историја и во делата на преродбениците во 19 век, а кодификацијата ја почнал уште Крсте Мисирков во 1903 година.
Во врска со условувањата за влез во Европската Унија, смета дека Унијата е комплекс од држави коишто функционираат со демократски правила и каде што секој поединец има право да зборува на својот мајчин јазик.
– Во ЕУ се гарантира правото на определување секој да зборува на својот мајчин јазик. И затоа јас мислам дека нема да биде никаков проблем. Тука зборуваме за измислен проблем кој го наметнаа дел од бугарските лингвисти, додаде директорката на Институтот.
За спорот со Софија пишува и „Брисел тајмс“, потсетувајќи дека откако го реши прашањето за името со Грција, која со години го блокираше стартот на преговорите за членство на земјата сега се соочува со уште еден спор за јазикот и историјата.
Изданието наведува дека за Европската комисија добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи во процесот на проширување, па затоа Брисел „ги охрабрува двете страни да ги удвојат своите напори да најдат решение за проблемите“.
– Останува на Северна Македонија и Бугарија да го решат спорот меѓусебно, бидејќи Комисијата нема да посредува во дијалогот како што го прави тоа во случајот со Србија и Косово, додава „Брисел Тајмс“.
„Брисел Тајмс“ потсетува дека Европската Комисија на почетокот на јули пред Советот на ЕУ ги презентираше предлог преговарачките рамки за Албанија и Северна Македонија, но тие не се објавени во јавноста.
– По усвојувањето на рамките од страна на Советот, ќе бидат свикани првите меѓувладини конференции со што официјално ќе започнат преговорите за членство, истакнува весникот, додавајќи оти евркомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји се надева дека тоа ќе се случи во текот на германското претседавање со ЕУ кон крајот на оваа година.