Ќе тужи сопственикот на галијата што се урива
Сопственикот на „Сервис Емус“, Жарко Миленкоски денеска во допис до јавноста информираше дека ќе го тужи Град Скопје поради демонтирање на галијата, што почна денеска.
– Ни дојдоа извршители испратени од градоначалникот Петре Шилегов со цел да го рушат бродот кој е изграден со пари од приватен инвеститор државјанин на Р. Бугарија (без двојно државјанство). Инвестицијата во овој брод е над 1,2 милиони евра – истакна Миленкоски.
Тој во дописот потенцира дека Град Скопје нема никакво побарување од нив.
– Ова е приватна инвестиција, Град Скопје нема инвестирано ниту еден денар. На градот плаќаме по 1.000 евра месечно за концесија. Сé е платено, не должиме ништо – дециден е Миленкоски.
Тој тврди дека не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, што значи правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, сеуште е во сила.
– Во тек се два судски предмети, од коишто за едниот утринава беше одржано рочиште и не може да се руши на сила додека нема судска одлука. Судот трпи огромен притисок да не донесе времена мерка како би се спречило настанување на штета. Затоа една судијка веќе се откажа а други две веќе неколку месеци не носат решение, се со цел да му се дозволи на градоначалникот да изврши рушење т.е. да направи штета а потоа да се води судски спор – потенцира тој.
Вели дека ова е странска инвестиција од бугарски инвеститор и за тоа е информирана е Бугарската Амбасада и Европската Унија.
– Се повикавме на член 9 од договорот каде што изрично е пишано дека Град Скопје ќе овозможи непречено функционирање на објектот. Не добивме никаков одговор. Плативме се’ 100% и по една недела добивме информација дека еднострано е раскинат договорот. Ова лудило да се прави вака голема штета без Судска одлука мора да престане – вели Миленковски.