Ќе се зачуваат дрвјата на улицата „Васко Карангелески“


 
Дрворедот на улицата „Васко Карангелески“ ќе биде целосно зачуван, претходниот проект со реконструкцијата предвидувал сечење на дрворедот на потегот на целата улица. Со новиот проект ќе се зачува целото зеленило и ќе се посадат нови 30-тина дрвја, истакна во денешната изјава градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
 
„Првичниот проект на улицата предвидуваше целосно отстранување на над 100-тина дрвја за да може да се изврши реконструкцијата. Се направи промена на планот како да се зачува дрворедот и да се зголеми бројот на дрвја и на овој потег. Дрворедот пред пензионерскиот дом ќе биде целосно зачуван, над 100-тина дрвја стари 100-тина години на овој потег ќе ги зачуваме, а веќе беа пресадени 16-тина здрави дрвја заедно во соработка со Општина Аеродром, истите се веќе пресадени на потегот кај основното училиште „Љубен Лапе““, истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешниот увид на градежните работи.
 
Арсовска истакна дека барањето да се отвори оваа улица и да се реконструира овој потег е на барање на голем број граѓани кои гравитираат на овој потег и голем број на јавни објекти кои се во интерес на граѓаните, со кое решение би се растеретил сообраќајот на овој потег.
 
„Вредноста на улицата е 77.5 милиони денари, а рокот за изградба на улицата во должина од еден километар е 2023 година, чија реконструкција ќе биде и реализирана од страна на Градот Скопје“, истакна Арсовска.
 
За градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски измената на проектот значи многу за граѓаните на Аеродром, како и дека досега за само неколку месеци се засадени над 400 нови садници за зголемување на зеленилото во општина Аеродром.
 
Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски посочи дека стручни лица од Градот и ЈП „Паркови и зеленило“ извршиле увид и проценка, според која само диво израснатите дрвја штетници биле отстранети.
 
Веројатно оваа изјава се однесува на пресечните дрвја изминативе денови, за кои граѓани на општината јавуваа на социјалните медиуми, споделувајќи фотографии од пресечени наиглед здрави дрвја.