Ќе се уредува нов простор за НУ Оркестар за џез-музика


Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска ќе го претстават проектот за реновирање и уредување на новиот простор наменет за новата Национална установа Оркестар за џез-музика на Република Северна Македонија.

Средствата за реновирање и уредување на новиот простор за Оркестарот за џез-музика се обезбедени преку програмата ТАВ.

Владата на седница во март донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.

Установата, како што посочи прес-службата на Владата, се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.

Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век.
 
Оваа установа, додаваат, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.
Времената одлука , Оркестарот за џез музика да работи и да биде сместен во Македонската филхармонија до изнајдување соодветен простор,  предизвика негативна реакција кај вработените од оваа национална установа кои во повеќе наврати протестираа пред Владата и пред Министерството за култура, поради  наводно „ограничени капацитети во објектот“.