Ќе се слеат ли „туѓи“ гласови на контата на Пендаровски и Силјановска?

Мошне хипотетичко е прашањето зад чија претседателска кандидатура ќе застанеше Борис Трајковски да беше жив: дали зад таа на неговиот советник во кабинетот Стево Пендаровски или на Гордана Силјановска-Давкова, со оглед на тоа што е кандидатка на партијата на која ѝ припаѓаше вториот македонски претседател. Сепак, Трајковски, при извршувањето на претседателската функција во повеќе наврати имаше сериозни концепциски несогласувања со ВМРО-ДПМНЕ, особено во екот на безбедносната криза во земјава во 2001 година, кога партијата беше на власт, така што и на почетокот на 2004 година, кога се случи кобната авионска несреќа, се чинеа минимални шансите тој да ја добие повторно довербата на тогаш веќе опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уште една кандидатура на изборите.

Независно од тоа, името на Трајковски впечатливо се експлоатира во ова предизборие, пред сè во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, но и во еден од спотовите на Пендаровски во кој се прикажуваат неколку негови заеднички фотографии со вториот шеф на државата од средби со странски државници. Од друга страна, не е објавена досега фотографија од Пендаровски со третиот претседател Бранко Црвенковски, во чиј кабинет, исто така, беше советник за надворешна политика и за безбедност. Ниту, пак, Црвенковски досега излезе со свој став околу претстојните претседателски избори, како што на пример минатата година отворено соопшти дека ќе излезе и ќе гласа „за“ на референдумот за името.

– „Верувам во Македонија“ и сè што досега поминавме нема да биде залудно ако ја сочуваме“, велеше Борис Трајковски. „Ни треба претседател кој ќе води суверено, силно, уверливо и посветено“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на еден од митинзите на почетокот на претседателската кампања. Тој оцени дека Силјановска е таков избор, додека, според него, гласот за Пендаровски е глас за Зоран Заев.

Досегашниот тек на кампањата, всушност, покажа многу поголемо присуство на Мицкоски во промоцијата на Силјановска, отколку на Заев во претставувањето на Пендаровски, кој на многу настани настапува сам и без придружба на некој од највисоките функционери на СДСМ. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, се нема досега појавено на трибина на Пендаровски, а не беше забележан ниту на неговата конвенција во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Затоа, пак, „гостин“ во кампањата на Пендаровски беше Имер Селмани, едно време лидер на Нова демократија, кој во 2009 година се кандидираше за шеф на државата и освои близу 150 илјади гласови, од кои голем дел од етнички Македонци.

Овие примери, всушност, се показател дека претседателските кандидати на овие избори, со оглед на тоа што сите влегоа во трката како партиски понеутрални личности, целат на различни целни групи гласачи. Поради разединетоста во ВМРО-ДПМНЕ, па и одредени отворени повици за бојкот на целиот изборен процес, на контото на Пендаровски можеби би се слеале и одреден процент десничарски гласови.

Петар Богојевски, од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ, пак, во една телевизиска дебата оцени дека Силјановска сее лажна надеж со нејзиниот однос кон новото име на државата. Според него, смешно е Силјановска да ветува дека како претседател ќе формира група од експерти која ќе изврши ревизија на Преспанскиот договор. Наспроти тоа, Силјановска во неколку наврати праќа пораки за привлекување на учесници во „Шарената револуција“, иако некои од нив реагираа преку социјалните мрежи, оценувајќи ги ваквите потези како манипулација.

– Иако сум непартиски кандидат, ВМРО-ДПМНЕ го направи вистинскиот чекор, демократски, реформски, победнички, зошто заедно ќе ги привлечеме не само членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ туку и членовите и симпатизерите на коалицијата „За подобра Македонија“, но и неутралните и разочараните членови од СДСМ, разочараните од Шарената револуција – рече Силјановска во Кичево.

Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“, сепак, смета дека претседателските кандидати тешко ќе привлечат поголем процент гласови надвор од избирачките корпуси на партиите што стојат зад нивната кандидатура. И доколку се случи тоа, вели, би било незначително и веројатно нема да влијае многу на исходот од изборниот процес. Двајцата кандидати, како што вели, се построија поприлично зад партиските пораки и позиции и не оставија многу простор за навлегување во друго гласачко тело. Тоа, како што наведува, особено е забележително во однос на клучните прашања во државата.

– Вистинското прашање не е дали и во кој процент тие ќе привлечат гласачи од спротивниот табор туку колку неопределени гласачи ќе успеат да мобилизираат. Од тој аспект во предност е Пендаровски, затоа што неговата кампања е помобилизирачка од таа на Силјановска, која е конзервативна и не нуди решенија туку ревизии. Тука пред сè мислам на настапите во однос на Преспанскиот договор и заокружувањето на процесите за интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ. Во тој дел, Пендаровски може да ги мобилизира неопределените гласачи кои дадоа поддршка и на референдумот за Преспанскиот договор. Силјановска, пак, можеби би ги мобилизирала оние што имаат проблем со промената на името, иако со оглед на нејзината кампања мислам дека повеќето од нив би останале дома – вели Спасов.

За Блерим Река, Спасов оценува дека тешко ќе повлече поголем процент гласови на етнички Македонци. Можеби, вели, некој незначителен процент кој нема да има влијае многу на резултатите.

– Мислам дека тој цели на избирачите од албанскиот блок и дека ќе ги привлече неопределените и незадоволните доколку излезат на гласање, со оглед на тоа што во овој кампус има висок процент на граѓани кои велат дека ќе гласаат, а потоа не излегуваат на избори. Затоа, пак, проценките се дека ДУИ ќе мобилизира поголем дел од своето гласачко тело за поддршка на Пендаровски – вели Спасов

Последната анкета на МЦМС, во делот на вкрстените податоци со партиската определба на испитаниците, покажа дека 2,2 проценти поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ би гласале за Пендаровски, како што и 2,8 отсто поддржувачи на СДСМ би и дале доверба на Силјановска. Во првиот круг, за Пендаровски би гласале 25,7 отсто од поддржувачите на ДУИ, додека дури 57 проценти од нив би гласале за Река.

– Мнозинството симпатизери на ДУИ (57,1 отсто) во првиот круг изјавиле дека ќе гласаат за Блерим Река наспроти 25,7 проценти за Стево Пендаровски, додека за вториот круг мнозинството од нив, 58,6 отсто се определува за Пендаровски. Покрај тоа, 16,8 проценти од етничките Албанци рекле дека нема да излезат воопшто на гласањето во првиот круг, додека за вториот, процентот расте до 37,3 отсто Ова може да влијае на постигнувањето на цензусот – коментираат од МЦМС.

Александра М. Митевска