Ќе се редуцираат светлата низ улиците на Аеродром

Тим на Општина Аеродром кој работи на надминување на кризата со електрична енергија предложи пакет мерки од утре за штедење на електрична енергија. Се работи за мерки со кои се очекува драстично намалување на потрошувачката на електрична енергија, со што значително ќе се придонесе кон полесно надминување на енергетската криза во Македонија и сериозниот удар кој таа го нанесе врз општинскиот буџет. Мерките предвидуваат:
– Престанок со работата на сите фонтани и исклучување на внатрешното и надворешно осветлување;
– Осветлувањето во парковите на територија на опшина Аеродром ќе биде редуцирано, односно ќе светат преку една сијалица, а целосно ќе се гасат во еден часот по полноќ;
– Уличното осветлување на сервисните улици со кое стопанисува општина Аеродром ќе биде редуцирано, односно ќе свети преку една сијалица и ќе се гаси 2 часа порано од вообичаеното;
– Рефлекторите на спортските игралишта престануваат со работа од 1 октомври.
Општина Аеродром со овие мерки става крај на, како што велат, „неразумното трошење на електричната енергија“ и почнува со рационално управување на средствата, но наедно ќе работи на остварување на ветените проекти.