Ќе се реализира проект „Прекугранична атрактивност – смарт туризам во регионот Ќустендил – Крива Паланка и Невестино“

Крива Паланка ќе прерасне во атрактивна целогодишна туристичка дестинација со изградбата на првиот адреналински парк во Североисточниот регион на туристичкиот локалитет Калин Камен, беше кажано на денешната прес-конференција за отпочнување на проектот „Прекугранична атрактивност – смарт туризам во регионот Ќустендил – Крива Паланка и Невестино“, финансиран од Европската Унија преку Програмата за интер-регионална прекугранична соработка.
Проектот се реализира во партнерство помеѓу: Општина Ќустендил, Центар за развој на третиот Североисточен плански регион, Општина Невестино, Трговско-индустриска комора Ќустендил и Национална установа – Музеј Куманово.
-Главната активност во рамки на проектот во Општина Крива Паланка е изградба на адреналински парк на локалитетот Калин Камен, прв ваков објект во целиот Североисточен регион на државата. Овој парк ќе понуди иновативни авантуристички, спортски и рекреативни содржини во природна, планинска средина, поставувајќи го Калин Камен како идна атрактивна целогодишна туристичка дестинација, информираат од општината.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, во своето обраќање ја истакна важноста на проектот за развојот на туризмот и локалната економија.
– Со овој проект, како и проектираната викенд-населба со типски куќи на Калин Камен, како и сѐ она што го прави општината во изминатите неколку години, ќе се заокружи нашата визија за промоција на Калин Камен во атрактивна туристичка дестинација во целиот регион. Општината веќе инвестираше во патната инфраструктура за поврзување на Калин Камен и преку алтернативен пат, Б’с -Кошари, кој 50 отсто е веќе завршен, планирана е рехабилитација на постојниот пат, како и носење на урбанистичко планска документација за изградба на две ски-стази и ски -лифт, по што следува и изработка на проектна документација за изградба на истите. Истовремено, многу ми е драго што со овој проект повторно ја обновуваме и соработката со нашата соседна општина, Ќустендил, по речиси една деценија и морам да напоменам дека преку соработката што секогаш била на највисоко ниво, а благодарение на придобивките од можностите за реализација на проекти од програмите за прекугранична соработка на Европската унија, испраќаме порака на добрососедски односи како две погранични општини, рече Митовски.
Тој се заблагодари на сите партнери и на Европската Унија за поддршката и можноста за прекугранична соработка.
На настанот се обратија и заменик-градоначалникот на Општина Ќустендил, Венцислав Терзијски.
Директорот на Центарот за развој на Североисточен плански регион, Младен Протиќ, потенцираше на важноста на прекуграничните проекти за регионалниот развој.
Со реализација на овој проект, Општина Крива Паланка потврдува дека е лидер во привлекувањето и имплементирањето на европски средства за унапредување на локалниот развој, за подобар живот на граѓаните и за зајакнување на туристичкиот капацитет на регионот.