Ќе се отстрануваат хаварисаните возила во Аеродром


Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и директорот на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски денеска потпишаа договор за поделба и утврдување на меѓусебните надлежности со што значително ќе се олесни начинот за остранување хаварисани возила и возила паркирани на плочници и зелени површини.

Со овој договор, комуналните инспектори од Општина Аеродром добиваат овластување да побараат од ЈП „Градски паркинг“ подигнување и транспорт на хаварисани и непрописно паркирани возила кои ќе бидат дислоцирани на трајна локација.

Градоначалникот Муцунски истакна дека со ова, конечно ќе се реши проблемот со големиот број хаварисани возила, кои покрај тоа што зафаќаат паркинг места, претставуваат и опасност за граѓаните и се лоша слика за Аеродром.

Договорот беше потпишан по отворањето на новата канцеларија на ЈП „Градски паркинг“ што почна со работа во објектот на Рударски институт во Аеродром, а на настанот присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Со новата канцеларија се очекува да се олесни пристапот на аеродромци до услугите за паркирање, а Општина Аеродром заедно со другите релевантни институции интензивно работи на изнаоѓање трајно и одржливо решение со паркинг местата, а едно од тие решенија е и воведувањето зонско паркирање, кое ќе биде бесплатно за аеродромци.