Ќе се обновува спортскиот комплекс „Пирин“ во Лисиче


Фото: Независен весник

Советниците на Град Скопје денеска го изгласа новиот Регулациски план за Ново Лисиче, Лисиче и Реонски Центар, кој предвидува обновување на спортскиот комплекс „Пирин“ во населбата Лисиче, но овозможува и на местото за најмалку шест згради да никнат паркови. 

Како што појаснија од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со овој Регулациски план „имаме нова визија за Лисиче и Реонски центар Ново Лисиче. Прво се овозможува оформување на спортски комплекс „Пирин“ во населба Лисиче. Историски спортски коплекс којшто за граѓание на овој дел од Скопје е многу значаен. Овој регулациски план го овозможува токму тоа, таму каде се наоѓал тој спортски центар, повторно да се изгради“.

Понатаму, со овој Регулациски план се овозможува пренамена на две маркици наменети за згради, во изградба на паркови. На овие две локации каде беше планирано да се градат две згради коишто ќе го затвореа просторот, постои можност да се уредат паркови. Трето, со овој Регулациски план се бришат маркици за четири згради, во последниот дел од Ново Лисиче и тоа останува да биде парковско зеленило.

Советниците на СДСМ укажаа на тоа дека овие маркици се издадени од градоначалникот на Аеродором Извица Коневски која на функцијата остана во два мандата од 2009 до 2017 година и кој, исто како и актуелниот градоначалник, доаѓаше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Драгана Велковска од ЗХГ смета дека негативна измена во овој Регулациски план е пренамената на трговскиот центар во Лисиче од комерцијална намена во намена – домување, што значи некој може да изгради згради.  Но, повторно советниците од ВМРО-ДПМНЕ, појаснија дека градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, веќе поднесол барање до град Скопје, при носењето на новиот ГУП трговскиот центар во Лисиче да остане за комерцијална намена.

Исто така, како што укажа Велковска, проблем можат да бидат и линиските центри, па така постои една парцела што не е заштитена како паркинг во форма на буквата Г, која може да стане линиски центар, а тоа значи дека ако никнат таму згради ќе има зголемена густина на население, што пак ќе биде погубно за комуналната инфраструктура. Вели дека иако за површина од 49 хектари, ГУП-от предвидува еден хектар за комерцијална намена, во овој дел веќе постојат комерцијални објекти на површина од два хектари.

Неколку советници се согласија дека ваквите Регулациски планови  не подлежат на мислење од други институции и не се прават во консултации со граѓаните, што исто така може да биде проблем. 

„Актуелниот ГУП има големи проблеми и е спротивен на добрите практики за партиципативно и хумано урбанистичко планирање – последиците од лошиот стратегиски документ ги гледаме секојдневно на терен. ЗХГ веќе работи на Пасошот на Скопје. На почетокот на годинава одржавме две работилници во соработка со Градот со експерти од Бугарија, а некаде на крајот на летово или почетокот на есента почнуваме и со работилници во соработка со студенти од Архитектонскиот факултет. Меѓутоа, нагласуваме, таквите процеси на партиципативно планирање, ефективна вклученост на сите засегнати страни и делотворен дијалог меѓу сите страни е нужно да ги води Градот официјално и исклучително посветено. Посветеноста на доследно спроведување на процесот од страна на Градот е дотолку повеќе суштествена бидејќи на тоа урбанистичко дивеење во Скопје, следниот ГУП навистина ќе биде точка на прекршување – дали ние ќе имаме или ќе немаме град“, рече Горјан Јовановски од Зелен хуман град, кога од него побаравме мислење за овој Регулациски план.