Ќе се обновува пругата Вора-Хан Хоти, како дел од транспортна мрежа TEN-T во Западен Балкан


Тирана – Албанската влада, со средства, обезбедени од неколку меѓународни финансиски институции, набрзо ќе почне со реализација на проектот за рехабилитација и изградба на 120 километри долгата железничка пруга, од граничниот премин Хан Хоти, на албанско – црногорската граница, до општина Вора, кај меѓународниот аеродром во Тирана.

Тоа е дел од проширувањето на трансевропската главна транспортна мрежа TEN-T во Западен Балкан, која ќе ја поврзе Албанија со регионалните и европските железнички мрежи преку Коридорот 10.

-Вкупната вредност на проектот е 356 милиони евра, кофинансиран од голем број меѓународни финансиски институции каде нашата земја побарала заеми. Така, најмалку 160 милиони евра се грантови од Инвестициската рамка за Западен Балкан, 100 милиони евра се заеми од ЕБОР и уште 100 милиони евра од Европската инвестициска банка, наведува весникот „Монитор“.

Според истиот извор, постоечката железничка пруга Вора-Хан Хоти е изградена во две етапи: од Вора до Лач во раните 1960-ти, додека од Лач до границата Албанија-Црна Гора во 1985 година.

По земјотресот од 29 ноември 2019 година оваа пруга не фуниционира поради оштетување на мостот на реката Ишем, но и претходно брзината на минување на возовите била многу мала, 40 километри на час, а на одделени места и 20 км/час. Системот за сигнализација, оштетен во период на немири во 1991 и 1997 година, речиси и да не постои.