Ќе се обновува пешачката зона во Порта Влае


Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев денеска го потпиша договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски, во врска со изведба на проектот: „Партерно уредување – реконструкција на пешачка зона (платформа) на станбено – деловен комплекс – Порта Влае (прва фаза)“.

Во првата фаза од реконструкцијата, ќе бидат реконструирани 6.000 м2 површина од плочникот во Порта Влае. Вредноста на оваа фаза е проценета на 25.500.000 денари (со вклучен ДДВ) и истата ќе биде финансирана од „ТАВ Македонија“.

Покрај поставувањето на нови гранитни плочки, предвидена е и обнова на хидроизолацијата, со цел да се спречи протекување на вода во гаражните делови.

Инаку, вкупната површинa која ќе биде реконструирана изнесува 14.380 м2. Општина Карпош го има подготвено и основниот проект за реконструкција на плочникот, а Советот ја донесе и развојната програма за негово фазно финансирање. 

Порта Влае е еден од пофреквентните делови во Карпош. Тука се лоцирани и повеќе деловни субјекти, а е и место каде што граѓаните поминуваат дел од своето слободно време.