Ќе се намалуваат субвенциите за струја, ќе се прошируваат третиот и четвртиот тарифен блок


Фото: Б. Грданоски

Препораката од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за намалување на субвенционирањето на цената на електричната енергија од страна на Владата веќе е адресирана во новиот буџет за 2024 година, потврди денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

-Наназад различни финансиски институции препорачуваат дека не е издржлив моделот на високо субвенционирање на електричната енергија. Минатата година субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи беше до 80 отсто и тоа е неиздржливо за една мала земја како нашата. Годинава субвенционирањето е намалено на некаде 60 отсто и тоа е трендот по којшто треба да движиме, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање по отворањето на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на ЈОУДГ „Весели Цветови“ во општина Кисела Вода ка кое присуствуваше заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. 

За препораката на ММФ за проширувањето на тарифните блокови рече дека ќе одговориме со тоа што најверојатно ќе го прошириме тарифниот блок 3 и тарифниот блок 4.

-Со тоа опфатот ќе биде поголем за тие коишто трошат повеќе, а за најранливите категории на луѓе, за луѓето кои вистински штедат електрична енергија да остане ист тарифен модел, иста тарифа, но и цената на електричната енергија т.е. евентуалната промена на цената на електрична енергија да не падне на товар на тие коишто се во првиот и вториот блок, туку кај тие што се во третиот и четвртиот блок, а тоа се поголемите корисници, појасни Битиќи. 

ММФ, како што кажа, има и други забелешки и препораки кои веќе се адресирани во новиот буџет и се адресираат преку различните реформи. 

-Мора да ги гледаме нивните пораки како препораки коишто не значат само укинување на одредени права, туку во суштина значат прилагодување на сите нас дека со ресурсите треба да се справуваме на поефикасен начин. Ситуацијата ќе беше сосема различна ако во минатото се размислуваше повеќе во инвестиции наспроти тоа што сега го имаме. Ќе мораме во наредниот период со значителни големи инвестиции во енергетика од приватниот и јавниот сектор да ја подобриме состојбата во тој сегмент, а граѓаните да добиваат електрична енергија цело време и притоа да бидат во можност да ја плаќаат, потенцира Битиќи. 

Посочи дека се уште нема никаков одговор за нашата иницијатива што ја поднесовме во Брисел за укинување на таксата од 10 евра за мегават час за транспорт на руски гас низ Бугарија. 

-Најверојатно на оваа иницијатива ќе се приклучат и другите земји коишто се снабдуваат со истиот гас. Минатата недела при посетата на Скопје унгарскиот министер за надворешни работи и нашиот министер за надворешни работи Османи веќе иницира да се приклучи и Унгарија на нашата иницијатива која што ја поднесовме до Брисел затоа што исто така и кај нив ќе има значително влијание затоа што таму се и поголеми корисници. Така што, очекуваме во кое било време наредниот период да добиеме соодветен одговор како ќе се поставува кон воспоставувањето на новата тарифа, нагласи Битиќи.