Ќе се издава коригирана фактура: Двочасовен состанок на Здружението на инженери и РКЕ:

Во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), денеска се одржа двочасовен состанок помеѓу претставници на Здружението на инженери и членовите на РКЕ, на кој биле прифатени забелешките дека фактурирањето врз основа на проценета потрошувачка на електрична енергија доведува до разлики во износите на сметките.
Како што соопштија од Здружението на инженери ова може да предизвика финансиска штета за потрошувачите, додека во исто време создава дополнителни приходи за операторот на дистрибутивниот систем.
„За надминување на оваа состојба, предложивме решение кое предвидува издавање коригирана фактура што ќе ги опфаќа деновите од претходното до последното отчитување на броилото. Со ова ќе се овозможи реална и прецизна наплата на електричната енергија, елиминирајќи ја можноста за неправедно внесување на потрошувачите во повисоки тарифни блокови поради корекции во месеците кога се врши реалното отчитување“, соопштија од Здружението на инженери.
Конечниот текст за измените во Правилата за снабдување со електрична енергија ќе биде утврден на подготвителна седница, на која ќе бидеме поканети да присуствуваме, се вели во соопштението до медиумите.
Од РКЕ велат дека во изминатиот подолг период се работи на комплементарен сет на мерки со цел зајакнување на заштитата на потрошувачи.