Ќе се гради нова поликлиника во Бутел, на местото на старата


Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска информираше дека го склучиле договорот за изградба на нова поликлиника.

„Денес го потпишав договорот со економскиот оператор за изградба на нова модерна поликлиника. Носител на овој мега проект е општина Бутел, додека министерството за здравство партнерски ќе учествува во истиот“, истакна Костовски во објавата на Фејсбук, каде нагласи дека ќе го оствари ветувањето.

Градоначалникот овој договор го оцени како „историски миг“ за граѓаните на општина Бутел, а воедно и му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски, за кого рече дека стои зад овој мега проект.

„Добиваме нова поликлиника која ќе овозможи подобро услови за давање на здравствена заштита. На граѓаните на општина Бутел ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги. Дополнително ќе има и РТГ кабинет со ехо, лабараторија и аптека. За граѓаните на општина Бутел ќе биде достапен пункт за итна медицинска помош и ноќна служба“, посочи Костовски.

Додаде дека деталниот урбанистички план кој го донеле пред повеќе од две години, маркицата за новата поликлиника ја предвидува на местото на старата амбуланта.

„Со изградба започнуваме наскоро и со цело срце го чекам денот кога ќе бидат поставен камен темелникот на новата поликлиника. Историски чекор за нашата Општина“, нагласи градоначалникот.

Општина Бутел сака сама да гради модерна поликлиника