Ќе се гради нова населба на Водно
На површина од околу 150.000 метри квадратни ќе никне нова населба во зелениот појас на падините на Водно, над Институтот за белодробни заболувања во скопско Козле, пишува СДК.МК.
Ова се предвидува со новиот Детален урбанистички план Ј 04 Козле, кој ги поминал сите фази и наскоро ќе биде ставен на усвојување од Советот на Општина Карпош. Планот предвидува над Институтот за белодробни заболување да се градат куќи со дозволена катност од приземје, два ката плус поткровје.
Граѓанските организации реагираат дека со планот повторно се уништува зеленилото во градот, а се предвидува градење на терен каде земјиштето се лизга и градбите се небезбедни. Тие сметаат дека се користат сите можни дупки во законот, како што е Одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието на градежните активности врз животната средина, за да се додадат маркици за градење.
Јавната анкета и јавната презентација за овој ДУП е спроведена во мандатот на претходниот градоначалникот Стевче Јакимовски во 2015 година. Од општина Карпош во изјава за медиумите тврдат дека над болницата во Козле нема да се градат станбени згради, туку објекти за индивидуално домување, со максимална висина до 10 метри.