Ќе се градат девет нови згради во Козле

Пред жителите на Козле од утре на јавна анкета ќе се најде детален урбанистички план предложен за просторот што се протега помеѓу „Алумина“ и Жданец, а ја опфаќа и околината околу основното училиште „Владо Тасевски“.Со планот е предвидена изградба на девет нови згради.
Јавната анкета ќе трае еден месец, односно 20 работни дена. Од Општината известија дека заинтересираните граѓани планот, кој ќе биде јавно презентиран на 14 април, ќе можат да го видат секој работен ден, но само во периодот од 7.30 до 15.30 часот во просториите на општината. Нема можност за увид во ДУП-от во попладневните часови што значи дека им е на располагање само на оние што не се вработени или можат во текот на денот да ги напуштат работните места.
Предвидените девет нови згради, покрај другото, се со приземје и пет ката, од кои дел се сместени на просторот каде што сега има стари куќи покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, а дел покрај новата сервисна улица што треба да се пробие и која ќе го поврзува овој булевар со улицата Јуриј Гагарин. Предвидена е и една пониска зграда на приземје, три ката и поткровје од спротивната страна.
Неодамна на седница на Советот на Карпош, советниците дадоа зелено светло за два детални урбанистички планови. Едниот е за Градска четврт J 02, со просторен опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В.Зелено светло доби и ДУП за Градска четврт З 08, кои ги опфаќа населбите Карпош 1 и Карпош 2. Всушност станува збор за голем простор што се протега помеѓу булевар Илинден, улица Френклин Рузвелт и булеварите Партизански одреди и Осми септември. Интересно е дека со стручен елаборат делови од овој ДУП беа суспендирани, па планот се изгласа заедно со заклучокот со кој се задолжува Секторот за урбанизам на Општина Карпош да не издава „акти за градежните парцели 1.48, 1.49, 1.53, 2.1 и 1.39 од ДУП за Градска четврт З 08“.